По повод почетокот на изборната кампања за предвремените парламентарни избори, претседателот Пендаровски повика на внимателност и почитување на здравствените протоколи за заштита од коронавирусот Ковид 19.

Овие избори се одржуваат во време на пандемијата на КОВИД-19, прогласена од Светската здравствена организација. Во таа насока, на сила ќе бидат посебни здравствени протоколи со цел да им се овозможи на сите граѓани кои ќе одлучат да го искористат своето уставно загарантирано право на глас, да го сторат тоа во безбедни услови и со соодветна заштита. Драги сограѓани, постапувајте според протоколите за безбедност и заштита при одвивањето на севкупниот процес на избори. При гласањето бидете заштитени, почитувајќи ги мерките, протоколите и држете пропишано растојание. – апелира во писменото обраќање до јавноста претседателот Пендаровски.

Претседателот упати апел и до учесниците во изборниот процес да придонесат овие избори да бидат фер, слободни и демократски, како што и се обврзаа со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори.

Очекувам сите политички партии да организираат кампања во која учеството ќе биде безбедно за сите, и за кандидатите и за граѓаните. Очекувам од сите политички партии достоинствена кампања, со високо ниво на политичка култура, без дискредитации. Очекувам инклузивна кампања во која ќе учествуваат сите маргинализирани групи и малцинства, во која ќе биде застапуван и нивниот интерес. Од друга страна, очекувам сите институции кои се најповикани и надлежни за спроведување на изборниот процес да работат професионално, во согласност со принципите на отвореност, еднаквост и непристрасност. – истакна Пендаровски.

Претседателот на државата ги повика медиумите на одговорно и професионално известување за време на изборната кампања, а на граѓаните им порача да ги проверуваат вестите од непознати извори.

Слободата на изразување е клучна за да имаме кредибилен изборен процес и граѓаните да добијат релевантни, навремени и вистинити информации со цел самостојно да донесат одлука кому ќе го дадат својот глас. Во услови кога имаме избори без поголеми собири и теренски активности, медиумите имаат уште позначајна улога и затоа е потребно непристрасно и професионално да ја информираат јавноста. Социјалните медиуми ќе бидат значајна алатка во изборната кампања, честопати и како извор на потпалувачки говор и лажни вести кои го поткопуваат демократскиот развој на отворените општества. Апелирам до граѓаните да бидат внимателни и редовно да ги проверуваат информациите кои се пласираат на социјалните медиуми од непознати извори.

Пендаровски ги повика граѓаните да излезат на изборите и да гласаат по свое лично убедување, без страв и без притисоци.

OhridNews