Со длабоко жалење и вознемиреност ја примив ужасната вест за разорниот земјотрес што ги погоди граѓаните на Република Турција и Сирија. Во овие исклучително тешки и тажни моменти за нив, за семејствата на загинатите и повредените, од мое лично име, како и од име на сите општини во ЗЕЛС и нивните граѓани, упатувам искрено сочувство, истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓеорѓиевски.
Оттука, како Претседател на ЗЕЛС, апелирам за солидарност до градоначалниците на сите општини во Република Македонија. Сега е момент кога секој, согласно своите финансиски можности треба да ја покаже својата благородност и на дело да докаже дека хуманоста и солидарноста со кои не’ опишуваат биле и остануваат наша движечка сила. Самиот, како градоначалник на Општина Кисела Вода, веќе поднесов иницијатива до Советот за обезбедување на финансиска помош од 500.000,00 денари за погоденото население од Турција и Сирија, вели Ѓеорѓиевски.
Додава дека е остварен и контакт со Амбасадата на Република Турција во Македонија, на која понудиле поддршка и од друг тип. Од таму, вели, дополнително ќе бидат известени околу конкретните потреби, па ќе излезат со адекватна помош за семејствата погодени од разорниот земјотрес.
Се надевам и силно верувам дека овој чекор ќе го следат сите останати градоначалници, за да им помогнеме овие луѓе кои за еден миг изгубија можеби се. Искрено и од срце посакуваме брзо заздравување на повредените, а овие земји што поскоро да ги санираат погодените места од разорниот земјотрес, додаде Ѓеорѓиевски.
OhridNews