Немам намера да се повлечам од функцијата бидејќи не сум направил ништо, мене ми е чист образот, изјави претседателот на Уставниот суд, Трендафил Ивановски по јавното презентирање на фактите пред Комисијата за лустрација, која минатата недела му достави заклучок дека бил соработник на тајните служби, јавува „Макфакс“.

Според неговото денешно јавно излагање, неговото досие е оформено од Службата за државна безбедност на 7 мај 1964 година, кога бил малолетник и во него има бројни службени белешки, изјави, препораки, прашалници кои го обработувале наводниот „соработник“

„Меѓутоа во белешките од сослушувањата кои ги составувал самиот инспектор има непотпишани белешки, има лаги и измислени лица, фабрикувани и фалсификувани изјави и податоци, што упатува на тоа дека досието е оформено во една вешто и подло подготвена метода за компромитација на лицето“ рече Ивановски пред членовите на Комисијата.

Според неговите искази, во раните шеесети години, наводниот „соработник“, како ученик и претседател на гимназиската историска секција ги разгледувале прашањата за остварувањето на идеалите на илинденците, за обединување на распарчената земја.

„По не така долг период е извршена провала на организацијата и започнува период од селење, сослушување, испитување, прогон со физичко и психичко малтретирање со тепање и притворање. Како другите членови, така и наводниот „соработник“ морал да ја истрпи целата оваа тортура од претставникот на службата за безбедност. Понатаму бил принуден да го признае учеството во организирањето и во делувањето на Организацијата и да ги открие другите нејзини членови, кои веќе биле претходно откриени сослушувани од тајната полиција“ рече Ивановски пред членовите на Комисијата.

Исто така, според Ивановски, бил евидентиран како учесник во младонационалистичката група по ослободувањето, за што бил притворен како малолетник во 1964 година.

„На бегањето да се дадат изјави, инспекторот постојано ја нагласува можноста од физичка ликвидација. Дали ваквата состојба претставува соработка со тајната служба? Не постојат елементи што ќе потврдат дека имало соработка со органите на тајната полиција. Имало само принуда, прогон и тортура врз младиот човек“ смета Ивановски.

Тој како факти за ова ги наведе тоа што немало жртва во наводната „соработка“, немало остварување на некаква корист, бенефиција, привилегија или пак, остварување на кариера или унапредување. Исто така, тој наведува дека се нема ни помислено да се земе некаква награда, пари и материјални средства.

„Во таа смисла категорички тврдам дека двете подметнати признаници за примени 10.000 динари  и друга признаница со 20.000 динари се чист фалсификат извршен или од оперативниот службеник или од доставувачот на досието“, вели Ивановски.

Во наредните 46 години, судијата тврди дека немал никаков допир со инспекторот. Тој додава дека за да се прикаже континуитет во неговата наводна „соработка“ се вметнати содржини од друго лице, во периодот во 1983 година, кога не бил повикуван на информативни разговори.

Настапот на премиерот Никола Груевски, тој го оквалификува како преседан.

„Ниту Бранко Црвенковски, ниту СДСМ стоел позади мене“ рече Ивановски. Претседателот на Комисијата за верификација, Томе Аџиев истакна дека Комисијата не работи под притисок и под влијание на Груевски.

Тие во рок од три дена ќе донесат решение, кое ќе го достават до носителот.

Ивановски најави жалби до Управниот, како и до Врховниот суд, додавајќи дека единствена можност му е правната битка против заклучокот на Комисијата.

„Ако сето ова не се раководи од вистината, јас друга артилерија немам, јас сум Давид, Голијат е другиот кој има инструменти, органи и можност за притисок, кој што ако сака да ја дискредитира институцијата и мене као носител е друго прашање, мислам дека тоа  е веќе удар на поредокот“ истакна Ивановски и се пожали дека неколку пати бил ограничуван во своите излагања од страна на членовите на Комисијата.

Комисијата за верификација на фактите минатата недела му достави заклучок на уставниот судија дека поседува докази за негова соработка со тајните служби. Тој побара јавно излагање на своите аргументи.

OhridNews
извор: „Макфакс“