Советот на општина Охрид бара да се извршат  измени во статутот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС и да се врати домот на советите, како рамноправен орган на ЗЕЛС.

Претседателот на Советот на општина Охрид Владо Чингоски на денешната средба со новинарите информираше дека вчера се одржал состанок на иницијативниот одбор на кој претсвниците на над 50 совети усвоиле заклучок дека  советите треба да бидат инкорпорирани во ЗЕЛС.

Доколку до 1 септември ЗЕЛС не отпочне преговори за измена на статутот, Советот од Охрид на првата наредна седница ќе одлучи дали ќе излезе од ЗЕЛС, рече  Чингоски. Тој објасни дека на состанокот на иницијативниот одбор имало предлог веднаш да биде формиран нов ЗЕЛС на Совети, но дека таквиот предлог охридскиот совет ќе го разгледува во случај градоначалниците да не го прифатат барањето за рамноправно вклучување на советите во ЗЕЛС.


Различни погледи на иста работа. Чингоски и Петрески

Охридскиот градоначалник Александар Петрески, кој е член на Управниот одбор на ЗЕЛС, оценува дека иницијативата всушност претствува обид за формирање  паралелен ЗЕЛС. Според него иницијативата има политичка заднина бидејќи, како што рече, во сегашниот Управен одбор на ЗЕЛС мнозинството го сочинуваат претставници на опозицијата и дека  во Македонија станува пракса за секоја работа да се формираат по две институции или здруженија.

Целта не е да се формира паралелен ЗЕЛС, бидеќи во тој случај  двата органа нема да соработуваат туку само ќе се конфронтираат меѓу себе, смета Чингоски, кој потенцираше дека единствена цел е советите да бидат вклучени во ЗЕЛС.

Иако и претседателот на Советот, Чингоски и градоначалникот на Охрид Петрески, на денес одржаната прес конференција на неколку пати повторуваа дека односите Совет-градоначалник во општина Охрид се одлични, евидентно беше дека постојат големи недоразбирања меѓу нив.

Петрески кој вчера јавно го обвини Советот дека ја опструира неговата работа, денеска се обидуваше да објасни дека всушност реагирал на начинот на кој Советот иницирал измени во статутот на ЗЕЛС. Тоа во одредени дневни весници беше пренесено дека советот на општина Охрид ја подржува иницијативата за формирање нов ЗЕЛС, рече Петрески, според кого охридскиот совет влегол во замка.

На ова реагираше Чингоски кој рече дека советниците не се толку наивни да влезат во замка, и дека целата постапка околу покренатата иницијатива била транспарентна.

Чингоски на прес конференцијата го отвори прашањето околу негова смена од претседателското место во Советот и евентуалното влијание во тоа на градоначалникот Петрески.

Претседателот го избира Советот, а дали ќе има бочни влијанија за да се покрене таква иницијатива за мое разрешување оставам на Советот и нема да коментирам дали може градоначалникот да влијае на тоа, рече Владо Чингоски.

Претседателот го избира мнозинството во Советот, врз кое влијаат се разбира политичките партии. Јас воопшто не сакам да се мешам во таа работа, за мене не е битно воопшто кој ќе биде мнозинство, а ако сакам да се мешам можам да се мешам, но тоа не ме интересира. За мене не е битно кој е мнозинство во советот, најбитно ми е тој да работи во интерес на општината, рече Петрески.

Г. Момироски