Комитетот на локалните власти на Македонија за соработка со ЕУ е формиран со поддршка на ЗЕЛС (Заедницата на Единиците на Локалната Самоуправа) и Министерството за локална самоуправа а го сочинуваат 11 членови од кои 8 се од редот на Градоначалниците а 3 од Советите на општините во Македонија.
Тема на работната средба на Заедничкиот консултативен Комитет на ЕУ и Македонија, што ќе се одржи в понеделник, е согледувањето и поддршката во натамошното афирмирање на децентрализацијата и јакнењето на регионалното организирање и локалната самоуправа како власт поблиску до граѓанинот.
Според Чингоски, оваа работна средба е само почеток на еден процес кој ЕУ будно го следи и е заинтересирана за негово реализирање бидејќи допрва претстои целосна имплементација на Европската пракса за локална самоуправа како и имплементација на Европското закондавство сврзано со локалната самоуправа и регионалното поврзување. Во таа насока, според Чингоски, реално е да се очекува дека токму националниот Комитет чиј член е и тој, ќе биде онаа непремостлива карика во идната соработка помеѓу органите на ЕУ и македонските власти околу имплементацијата на ЕУ законодавството во сферата на локалната самоуправа. Со цел да се афирмира Охрид и на овој план, преку ЕУ-Комитетот за локални власти, претседателот на Советот на општината ќе предложи Охрид да биде домаќин на еден од идните состаноци (најверојатно во септември) на Заедничкиот консултативен Комитет.