На годишното собрание во Охрид, првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија, Даниел Димевски најави дека ќе поднесе кандидатура за претседател на Европската кошаркарска федерација (ФИБА).

– Сакам да ги информирам сите клубови членки на МКФ и медиуми во Македонија дека со поддршка на 12 членки во ФИБА Европа јас прифатив да бидам еден од двајцата кандидати за нов претседател на ФИБА Европа. Изборот на претседател на ФИБА Европа ќе биде на собранието во мај месец годинава, а засега сме само двајца кандидати кои најавија своја кандидатура, јас и турскиот кандидат, господинот Тургај Демирел. Се надевам дека ќе остане на двајца. Верувам дека по четири -годишно водење на натпреварувачката комисија во ФИБА Европа стекнав доволно искуство да можам и да ја водам оваа голема куќа на кошарката во Европа. Сакам овој позитивен дух кој го изградивме кај нас да го пренесам и споделам со сите наши пријатели во ФИБА Европа –  рече Димевски.

Изборот за нов претседател на ФИБА Европа ќе се одржи на Генералното собрание на ФИБА Европа во мај годинава.

На собранието во Охрид ќе бидат прогласени кошаркаските лаурети за 2013 година во нашата држава.

Мх.П.