Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска во Вила „Билјана“ во Охрид ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Албанија, Босна и Херцеговина и Република Литванија.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Албанија, Фатос Река, двајцата соговорници го потврдија интересот за натамошно развивање на добрососедството, билатералната соработка и остварување на заедничката стратешка определба – членството во ЕУ.
„Очекуваме безрезервна поддршка од Република Албанија во однос на интеграцијата на Република Македонија во НАТО, а во поглед на интеграцијата во ЕУ очекуваме заемна поддршка и тесна соработка”, истакна претседателот Иванов во поздравното обраќање. Македонскиот претседател посочи дека Република Македонија континуирано ја унапредува положбата на граѓаните од албанска националност и изрази увереност дека и Република Албанија, со иста посветеност ќе продолжи да работи на унапредувањето на правата на граѓаните на Република Албанија од македонска националност.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Босна и Херцеговина, Лепа Бабиќ, беше разменето мислење за актуелните случувања во регионот и изразена подготвеноста за натамошна соработката меѓу двете земји во евроатланските интеграциски процеси. Претседателот Иванов ја истакна потребата од поттикнување и развој на економските односи.
„Ценам дека постои потенцијал и можности за натамошно јакнење на соработката во сите области, особено во сферата на економијата. Верувам дека со заеднички ангажмани и со збогатување на нормативно – правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка, можеме да ги искористиме таквите потенцијали”, посочи во обраќањето претседателот Иванов.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Литванија, Раса Каириене, претседателот Иванов посочи дека Република Македонија е силно посветена на исполнување на обврските за просперитетна Европа, се заблагодари за досегашното пријателство и изрази очекување за натамошна принципиелна поддршка од Република Литванија во однос на македонските европски и евроатлански интеграции. Воедно, беше афирмиран интересот и потребата за интензивирање економската соработка.
„Верувам дека мерките и активностите што ги презема Владата на Република Македонија за постојано подобрување на инвестициската и вкупната деловна клима ќе го привлече вниманието на литванската бизнис заедница”, истакна во обраќањето претседателот Иванов.
Претседателот на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на дипломатската должност и изрази надеж дека со својот ангажман ќе придонесат за натамошно унапредување на политичките и економските односи со земјите кои ги претставуваат.
OhridNews