За време на престојот во Република Турција, каде летуваше со своето семејство, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари средба со Премиерот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган. На покана на премиерот Ердоган, претседателот Иванов и неговата сопруга вчера вечер присуствуваа на Ифтар вечерата, приредена во Истанбул, по повод големиот муслимански празник Рамазан.
Поканата до македонскиот претседател, премиерот Ердоган ја упати уште за време на неговата официјална посета на Република Македонија, минатата година, притоа поздравувајќи го гестот на претседателот Иванов, кој секоја година присуствува на Ифтар вечерата во Република Македонија, заедно со поглаварот на Исламската верска заедница, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов.
Во обраќањето на Ифтарската вечера, претседателот Иванов на домаќините им го честитал празникот додавајки дека во овие мигови на празнување посакува кај сите верници да преовладува чувството на мир, љубов, толеранција и меѓусебно разбирање. Да преовладуваат вредностите кои ги зближуваат, а не ги разделуваат луѓето и народите.
– Доаѓам од земја која посветено ја негува вековната традиција на мултиетнички и мултирелигиски соживот. Соживот кој претставува наша голема придобивка со која се гордееме. Придобивка која покажува дека местото на нашата земја и е во рамки на европското семејство на нации и држави. Нашиот исклучителен придонес како земја во која вери, традиции и разни етнички групи соработуваат на градењето на заеднички дом, е доказ дека е можна подобра иднина за регионот, Европа и светот, истакнал претседателот Иванов на вечерата.
Премиерот Ердоган се заблагодарил за присуството на претседателот Иванов и изрази задоволство што овој значаен празник за муслиманскиот свет, го одбележува заеднички со македонски претседател. Турскиот премиер нагласил дека ова е уште еден доказ за почитта на претседателот Иванов кон Рамазан и верниците од муслиманската вероисповед, што истовремено оди во прилог на традиционално пријателските и блиски односи меѓу двете земји.
На вечерата присутвувале многу познати личности од сферата на политиката, бизнисот, верските заедници и јавниот живот на Турција. Меѓу присутните бол и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј со кого претседателот Иванов имал многу срдечна средба.
Претседателот Иванов вчера, исто така, остварил телефонски разговор со Претседателот на Република Турција Абдула Ѓул, на кого му го честитал празникот Рамазан посакувајќи му лична и семејна среќа. Разговарајќи за актуелните состојби во регионот, повторно биле потенцирани одличните севкупни билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com