Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов денеска во вилата Билјана во Охрид ќе  и врачи Орден за заслуги за Македонија на институцијата фестивал „Охридско лето“ за долгогодишно успешно претставување на македонското и светското творештво за промовирање на македонската култура и афирмација на Република Македонија во светот.

Фестивалот Охридско лето кој годинава одбележува 50 години од формирањето е една од најстарите и најреномирани културни манифестации во земјата. Низ него поминале плејада познати уметници кои ја ширеле приказната за Охрид и Македонија низ светот.

Претседателот Иванов кој е и покровител на фестивалот, ќе присуствува на свеченото отворање на Охридско лето вечерва во 21 часот на Античкиот театар.

Роденденот на “Охридско лето“ ќе започне со изложби

Прославата на роденденот на Охридско лето официјално ќе почне во 18 часот во Куќата на Уранија со отворањето на изложбата „Презентација на три проекти за иднината на Охрид“ од авторите Борис Чипан и Јоне Јанкоски.



Борис Чипан е роден во 1918 во Охрид. Се занимава со научноистражувачка работа и изработил бројни архитектонски проекти. Јоне Јанкоски од  2008 година работи заедно со проф. Борис Чипан, со кој на полето од архитектонското проектирање, заедно имаат изработено низа проекти за иднината на градот Охрид.

Еден час подоцна во Потпеш, Сергеј Цингулоски ќе ја открие својата скулптура во форма на јагула, долга 170 метри.

Во Центарот за култура е предвидено да се случат уште четири изложби.

Ohridnews