Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска донесе наредба за ангажирање на АРМ на јужната и северната гранична линија и долж Коридорот 10, согласно предвидените процедури во Законот за управување со кризи и по прогласувањето на кризен регион.
-Денес донесов одлука за ангажирање на армијата на Република Македонија во поддршка на полицијата за справување со предизвиканите проблеми кои ги имаме со илегалната миграција во Република Македонија. Станува збор за ангажирање на армијата да ја обезбеди јужната и северната гранична линија, но и коридорот 10 односно влезот, транзитот и излезот на илегалната миграција oд Македонија. Исто така армијата ќе биде ангажирана и за сите оние предизвици кои постојат кај локалното население, но и достоинствено пријавување на сите оние мигранти кои имаат намера да побараат азил во нашата земја, изјави Иванов денеска во Охрид.
Претседателот истакна дека како и многупати до сега, армијата оваа обврска ќе ја изврши професионално и одговорно.
– Се надевам дека населението ќе има многу повеќе бенефит од сето ова и дека ќе се врати сигурноста и сите реакции кои до сега се пројавени ќе бидат надминати. Не станува збор за локален или регионален проблем, станува збор за многу поширок проблем од кој се зафатени многу земји, региони па и целиот континент. Затоа ги следиме и другите активности на другите земји и сето она што тие го преземаат ќе го преземаме и ние. Кога станува збор за националната безбедност на земјата тогаш мора да ги преземеме сите мерки и активности да превенираме и спречиме какви било несакани дејствија, нагласи Иванов.
Тој изрази надеж дека во овој кризен период Република Македонија ќе успее да ги совлада сите предизвици кои стојат пред неа и дека ќе даде придонес за справување со овој предизвик за цела Европа.
OhridNews