Претседателот на државата Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност, одржан вчера, а на барање на Техничката влада, прогласи по трет пат вонредна состојба, овојпат во траење од 14 дена
По широките консултации, кои изминатите денови и денеска ги имав со експерти од повеќе области и со советниците во Кабинетот, а врз основа пред се на кажаното и предложеното на седницата одлучив да прогласам нова вонредна состојба во траење од само 14 дена, наместо бараните 30. Со оглед на позитивните трендови на смирување на состојбата со пандемијата сметам дека 14 денови се доволни. – изјави претседателот Пендаровски.
Причина за ваквата одлука, рече Пендаровски, е потребата од имплементирање на економско-социјалните мерки за ублажување на последиците од пандемијата, кои веќе сега се чувствуваат како резултат на фактот што огромен број фирми не работеа и сеуште не работат.
Кон крајот на месецот, бев информиран, дека се очекува да склучиме кредитен аранжман со ЕБРД, со Европската банка за обнова и развој, од околу 160 милиони евра. Се разбира, исто така, многу важна, веројатно најважна причина за оваа одлука беше и тоа што на таков начин и се овозможува Владата да продолжи преку уредбите со законска сила да овозможува на целокупниот здравствен сектор поуспешно да се справува со пандемијата. – објасни Претседателот.
Пендаровски подвлече дека Владата не може вонредната состојба да ја користи за поткуп на гласачите, и дека истата е потребна засклучување на аранжман со ЕБРД, и дека такви работи со Европската банка не се возможни.
Тоа се строго наменски средства и ќе одат за поддршка на стопанството. Се разбира дека не можат да бидат, и ако некој воопшто има таква намера, не можат да бидат пренаменети за изборен поткуп. Инаку, за евентуални злоупотреби и на ова до сега што беше активност на Владата во вонредна состојба, значи уредбите со законска сила, и она што ќе биде донесено понатаму во следните 14 денови, за тоа постои Уставен суд. Знаете дека дел од тие уредби веќе ги прогласи за неуставни и донесе времени мерки за стопирање на нивното дејствие. Се разбира, постои и Антикорупциска и ред други државни органи кои можат да проверат дали тие уредби со законска сила се за справување со пандемијата или имаат некоја сосема друга мотивација. Тука сакам посебно да напоменам, бидејќи имаше и такви шпекулации, дека траењето на вонредната состојба, овој пат од 14 дена, нема ама баш никаква корелација со датумот на следните избори. Никаква. Тоа е посебна тема, која, знаете, ќе ја дискутираме на следната лидерска средба на почетокот на следната недела. – појасни Пендаровски.
Во однос на многубројни реакции од граѓани во однос на прогласувањето на вонредната состојба, Пендаровски истакна дека мерките кои се преземаат, како што е ограничувањето на движењето не се, на ниеден начин поврзани со декларирањето на вонредната состојба. Поинаку кажано, дури и во вонредна состојба тие можат да бидат укинати, додаде тој.
Инаку овие мерки кои ги споменав и кои се поврзуваат погрешно со вонредната состојба, тие рестрикции се воведуваат согласно Законот за заштита од заразни болести, на препорака на Комисијата за заразни болести и не се воопшто директна последица од воведувањето на вонредната состојба. Во оваа смисла, сакам да ја искористам оваа прилика и да побарам од Владата да размисли, бидејќи тоа не е моја надлежност тоа е нивна, меѓутоа да размисли за постепено намалување на рестрикциите во однос на движењето на граѓаните и во однос на работата на стопанските субјекти. – рече Пендаровски.
Г.М.