Попладнево на аеродромот Св. Апостол Павле започнаа да пристигнуваат претседателите на држави учесници на Самитот на земјите од Централна Европа, кој утре и задутре се одржува во Охрид.
Меѓу првите на охридскиот аеродром пристигна претседателот на Турција, Абдула Ѓул, кој денеска ја посети и Битола. Подоцна пристигнаа и претседателите на Чешка, Словачка, Полска, Хрватска, БиХ, Црна Гора. Нив во текот на ноќта ќе им се придружат и останатите колеги.
Деветнаесет држави ќе земат учество на охридскиот самит, од кои 17 ќе бидат претставени на претседателско ниво. На брифингот со македонските новинари денеска, претседателот Црвенковски уште еднаш повтори дека Самитот во Охрид е извонредна шанса за афирмирање на македонските национални интереси и позиции пред се во спорот со Грција за името и околу евроатлантските аспирации. На Самитот покрај за проширување на ЕУ ќе се дискутира и за последиците на тој процес врз националните економии и енергетскиот проблем на земјите во регионот. Токму ова прашање е клучно за Македонија им изјави денеска на новинарите Црвенковски. Тој истакна дека на самитот ќе го реафирмира ставот дека Македонија е подготвена финансиски да учествува во изградба на нуклеарна централа во соседството. Според Црвеновски недостатокот на енергија во Македонија е се поголем а ова прашање и покрај сериозноста соодветно не се третира.
На покана на Црвенковски како гостин на Самитот ќе присуствува тускиот претседател Абдула Ѓул кој е силен подржувач на Македонија. Црвенковски смета дека Македонија треба да го искористи присуството на претседателите на влијателни европски земји за да ги подобри своите позиции по неуспехот на Самитот на НАТО во Букурешт. Затоа на Самитот поканет е и премиерот Груевски кој ќе им се обрати на учесниците со што земјата ќе демонстрира единство и одлучност пред меѓународната заедница. За време на прошетката низ Охрид, претседателите, меѓу кои има и неколку на правосалавни држави, на Плаошник ќе бидат примени од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, со што кон светот ќе биде испратена уште една силна порака за македонската посебност и непобитност.
Г. Момироски