Информацијата дека претседателот на Месниот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Пештани е фатен со дрога кокаин во кафетерија во Охрид, предизвика лавина реакции и политички препукувања помеѓу локалната опозиција и власт.
Професор по музичко образование и вработен од Пецаков пред две години, важи за една од повлијателни фигури на ДПМНЕ во Охрид. Скандалот е до толку поголем бидејќи истото ова лице е вработено во образование и ова претставува атак врз титулата просветен работник и врз образовниот процес воопшто. Но, она што секој еден граѓанин сега моментално се запрашува е: Кому му ги доверивме нашите деца во училиштата? ДПМНЕ покажа дека не им е важно кој се вработува и кој ќе ги учи и воспитува децата; важно им е партиските послушници да бидат намирени, велат од СДСМ, од каде побараа градските власти да постапат по закон во случајот.
Лицето за кое СДС држи пресови по пријавата од МВР за поседување на наркотични средства е веднаш разрешено од местото Претседател на Месниот Комитет Пештани во Охрид. Тој во најитен рок ќе биде и исклучен од партијата, информираше денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков ќе побара од Директорката на училиштето каде работи поведување на дисциплинска постапка за прекинување на работниот однос. ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува за секое незаконско однесување и постапување без оглед на политичка, верска или било каква друга припадност, стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ уште посочуваат дека за разлика од нив, СДС и институциите сѐ уште не презеле мерки за случајот со актуелната претседател на ОО СДСМ Охрид, за наводно фалсификување документи при вработување, за што била поднесена пријава до ДКСК.
OhridNews