Американските претседателски избори кои ќе се одржат на 8-ми ноември стануваат сé понеизвесни, а новата анкета објавена во вторникот покажа дека се истопила уверливата предност на кандидатката на Демократската партија, Хилари Клинтон, и оти во водство во анкетите минал кандидатот на Републиканската партија, а истовремено покажуваат дека антирејтинот на поранешната државна секретарка станал поголем од оној на њујоршкиот милијардер, иако коментаторите сé уште оценуваат дека демократката е поблиску до победата, пренесува „Макфакс“.
Новата анкета на телевизиската мрежа ABC News и The Washington Post покажува дека Доналд Трамп води со 46 отсто пред Хилари Клинтон со 45 отсто доверба.
Истото истражување на јавното мнение покажува дека негативно расположение кон Клинтон имаат 60 отсто од испитаниците, а кон Трамп 58 проценти. Од нив 49 отсто ја доживуваат демократката „многу неповолно“, а во однос на републиканецот така се изразиле 48 отсто.
Притоа, негативен став кон Клинтон имаат 97 отсто од испитаниците кои се изјасниле како поддржувачи на Трамп, а меѓу симпатизерите на поранешната државна секретарка негативно расположение кон милијардерот имаат 95 проценти.
Анкетата била спроведена во периодот од 26-ти до 29-ти октомври на англиски и на шпански јазик врз репрезентативен примерок од 1.165 потенцијални гласачи.
За аналитичарите Клинтон и натаму е фаворит
Главно се проценува дека губењето на минатонеделната шестпроцентна предност на демократката се должи на тоа што Федералното биро за истраги (FBI) повторно минатиот петок ја отвори истрагата за користењето на приватната електронска пошта за доверлива службена преписка во времето кога Клинтон беше на должноста државна секретарка, од 2009 до 2013 година.
Експертите предупредуваат дека не треба, сепак, премногу да се потпира на една анкета, наведувајќи дека споменатата наводно има голема можна статистичка грешка.
Клинтон, според нив, и натаму е фаворит благодарејќи на специфичниот американски изборен систем, според кој победниците на поединечните сојузни држави ги добиваат сите електорски (изборни) гласови од таа држава. Сепак, признаваат дека обновената истрага на FBI со секој ден ја намалува нејзината предност.
Американските избори се спроведуваат на две нивоа. Во првата фаза гласаат избирачите во секоја сојузна држава поединечно. Кандидатот, кој ќе победи во една држава, ги собира сите таканаречени електорски (изборни) гласови од државата, чиј број одговара на бројот на изборните единици за избор на претставниците во Конгресот. Во втората фаза се утврдува кандидатурата на претендентот кој ги постигнал потребните 270 од 538 гласови.
Статистичкиот модел на весникот The New York Times ѝ даваше на Клинтон 88 отсто шанси за победа, додека интернет ресурсот FiveThirtyEight ѝ дава 74 проценти, меѓутоа шокантната анкета од вторникот укажува дека трката меѓу кандидатите во последниот круг пред целта станува сé понеизвесна.
Волстрит предупредува на потреси
Идејата дека 70-годишниот Трамп и натаму има шанси за победа на изборите за Белата куќа и натаму ги изненадува бројните аналитичари, и предизвикува нервоза и меѓу демократите и на финансиските пазари. Претприемачот беше обвинет од повеќе жени за сексуално вознемирување пред повеќе од деценија, а демократите го поврзуваа, но не докажано, за врски со Москва. Експертите, имено, пред една седмица веќе ја прогласија победата на неговата противкандидатка Клинтон
Од Волстрит сега предупредуваат дека пазарите доволно сериозно не ја земале предвид можноста од победа на Трамп.
„Победата на Трамп би можела да предизвика распродажба меѓу 11 и 13 отсто на S&P 500 индексот“, ги предупредија во вторникот аналитичарите на банката „Barclays“ своите клиенти. Тоа би бил поголем пад на вредноста од оној од септември 2008 година, кога банкротираше инвестициската банка „Lehman Brothers“, што ја покрена глобалната финансиска криза.
Сајмон Џонсон, поранешен главен економист на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предупредува дека таквиот шок би „предизвикал колапс на берзата, како и дека светот би влегол во рецесија“.
Последниот круг
Во понеделникот во јавноста излегоа нови обвинувања против Трамп, објавени во весникот The New York Time, кој тврди дека милијардерот не само што ги користел манипулативно даночните олеснувања, туку и дека тоа го правел на правно сомнителен начин.
Трамп и Клинтон вторникот го минаа во освојување на клучните држави. Трамп во градот Кинг оф Присиа во Пенсилванија одржа говор за здравството.
„Нашиот даночен план вклучува кастрење од 35 отсто за семејствата од средната класа две деца. Нашата средна класа не го добива соодветното почитување. Тоа можам да ви го кажам“, рече републиканскиот кандидат пред своите симпатизери.
Клинтон истовремено се обидува да го одврати вниманието на јавноста околу своето работење со американските државни тајни, повторно обвинувајќи го Трамп за вулгарен однос кон жените.
Нејзината кампања со денови работи на обвинувањето на директорот на FBI, Џејмс Коми, поради тоа што откри дека Бирото повторно ја отвора истрагата за нејзиното користење на својот приватен сервер и електронска пошта за службена кореспонденција во периодот додека беше шефица на американската дипломатија.
Клинтон и нејзините поборници се гневни на Коми, бидејќи им ја обелодени истрагата на американските претставници во Конгресот, без да даде докази за погрешно постапување, но откако почнаа да протекуваат информации за предметот на истрагата, по три дена зазема поблаг тон.
„Направив грешка. Нема да се извинувам“, изјави Клинтон, повикувајќи го FBI да продолжи со својата истрага и тврдејќи дека нема да пронајде ништо недозволено.
Трамп, од своја страна, ја предупреди јавноста во САД дека нејзината победа би претставувала „уставна криза“ за земјата, бидејќи би се случило да се спроведува криминална истрага против актуелна претседателка.
„Клинтон оваа седмица можеше да го трча победничкиот круг. Наместо тоа, таа се обидува да се одржи“, вели професорот по политика од Универзитетот Вирџинија, Лери Сабато.
OhridNews
извор: „Макфакс“