Потпретседателот на владата на Сирија, Кадри Џамил, во интервју за Гардијан, рекол дека конфликтот во таа земја се наоѓа во мат позиција и дека ниту една страна не е доволно силна за да победи. Поради тоа владата на Башар ал Асад, на конференцијата во Женева, ќе предложи примирје, рекол Џамил. Ова е прв пат властите во Сирија да се согласи да учествува на конференција за која Русите и Американците лобираат веќе неколку месеци.

Кадри Џамил, кој во сириската влада е задолжен за финансиите, рекол дека граѓанската војна во која досега загинале околу 100.000 луѓе, делува катастрофално врз економијата во земјата. Според неговите зборови за време на судирите економијата претрпела штета од 100 милијарди долари, што е рамно на двегодишно производство во оваа земја, во нормални услови.

Потпретседателот на сириската влада, рекол дека примирјето би било надгледувано од меѓународната заедница, односно со мировници на Обединетите нации.

„Услов е тие да бидат од неутрални или пријателски земји“, рекол Џамил.

Преставниците на сириската опозиција, претходно одбиваа да учествуваат на конференцијата во Женева, нивниот услов за присуство е повлекување на Башар ал Асад.

OhridNews

извор: Makfaks