Марко Блажевски ќе биде шестиот член на македонската експедиција која ќе настапи на олимпијадата во Рио де Жанеиро. Пресвртот околу настапот на Блажевски на ОИ се случи откако Светската пливачка федерација (ФИНА) го известила Македонскиот олимписки комитет (МОК), дека пливачот е квалификуван за Олимписките игри во Рио.

Пливачот ја исполни олимписката Б норма за настап на 200 и 400 метри мешано, но според правилникот на МОК тој не ги исполнува условите за настап на ОИ.

„Иако Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) како пливач со покана (вајлд карта) во машка конкуренција го покани и Марко Блажевски, кој имаше учество на Светското првенство во Казан 2015 година, момент кој е и критериум за добивање на покана од ФИНА, според правилата на Македонскиот олимписки комитет (“еден спортист не може да учествува на две Олимписки игри со покана“) тој нема да може да учествува на игрите во Рио“, објави МОК, пренесува „Макфакс“.

Сепак по одлуката на ФИНА, МОК го вброи Блажевски меѓу спортистите кои ќе патуваат во Бразил, иако сé уште не е јасно во која дисциплина ќе се натпреварува.

Покрај Блажевски, Македонија на ОИ во Рио де Жанеиро ќе ја претставуваат атлетичарите Ристе Пандов (100 метри) и Дрита Исљами (400 метри со пречки), пливачката Анастасија Богдановски (200 метри слободно), џудиската Катерина Николовска (-63 кг) и Нина Балабан (стрелаштво, воздушна пушка 10 метри).

OhridNews