Преструктуирањето на светските сили, предизвикано од воената агресија на Русија врз Украина, насоката во која се движи светската безбедност и потребите од нови одговори на новите безбедносни предизвици се во фокусот на овогодишната 59. Минхенска конференција за безбедност, која почна вчера, а ќе трае до утре.
Во хотелот „Бајеришер хоф“ на тридневниот безбедносен форум учествуваат над 450 светски лидери и носители на одлуки на високо ниво, вклучувајќи шефови на држави, министри, лидери на меѓународни организации и невладини организации, како и лидери од бизнисот и граѓанското општество.
Како што јави известувачот на МИА од Минхен на конференцијата меѓу другите присуствуваат потпретседателката на САД, Камала Харис, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Риши Сунак, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула Вон дер Лајен.
На конференцијата учестува и делегација на Владата на Северна Македонија, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој е придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Премиерот Ковачевски на маргините на конференцијата е предвидено да оствари средби со лидери и високи претставници на одделни држави и меѓународни организации, а денеска ќе учествува и на тркалезната маса посветена за земјите од Западен Балкан и важноста од евроинтегративниот процес во услови на геополитички превирања.
Во својство на претседавач на ОБСЕ на Минхенската конференцијата е присутен и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој в недела учествува на панел диксусијата „Враќање во иднината? Визии за европската безбедносна архитектура“, на која меѓу другите учествуваат и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, естонскиот премиер Каја Калас и шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Три дена, Минхенската конференција за безбедност повторно ќе функционира како единствена платформа за дебати на високо ниво за најголемите предизвици на надворешната и безбедносната политика на нашето време.
Војната во Украина, која започна само неколку дена по Минхенската безбедносна конференција во 2022 година, означува „пресвртница“, напоменуваат организаторите. Војната не само што предизвика огромно страдање во Украина, туку се одрази негативно и во другите делови на светот.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг вчера при пристигнување на Конференцијата истакна дека по нападот на Русија врз Украина, пред речиси една година, светот е сведок на најбруталната војна во Европа по Втората светска војна.
По една година од инвазијата, Столтенберг посочи дека е потребно да се извлечат неколку лекции, а пред се е дека е потребна поддршка за Украина и додаде дека сојузниците на НАТО обезбедиле невидено ниво на воена поддршка за оваа земја. Додаде дека таа поддршка треба да продолжи, бидејќи доколку рускиот претседател Владимир Путин победи во Украина, тоа ќе биде трагедија за Украинците, но и опасност, како што рече, за сите нас.
Тоа ќе биде порака до сите авторитарни лидери, ширум светот, дека со користење на воена сила можат да ги постигнат своите цели. И тоа ќе го направи светот поопасен, а ние ќе станеме поранливи, истакна Столтенберг.
Според него друга лекција, која треба да се научи од руската агресија е потребата, како што рече, да се инвестира во нашата безбедност.
Дури и ако војната заврши утре, таа веќе долгорочно ја промени нашата безбедносна средина. Путин сака поинаква Европа. Тој сака Европа, во која ќе ги контролира соседите. Затоа треба да продолжиме да инвестираме во нашата безбедност, истакна Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО додаде и дека она што треба да се научи од војната во Украина е дека безбедноста е повеќе од самите вооружени сили.
Станува збор за нашата отпорност, нашето општество, за критичната инфраструктура на снабдување со енергија. Ја видовме ранливоста предизвикана од зависноста од рускиот гас. И треба да се погрижиме да не ги повториме тие грешки со други авторитарни режими, како Кина, нагласи Столтенберг.
OhridNews