Престижниот Српски магазин за современо хотелиерство и туризам „Туристички свет“ објави репортажа за Охрид под наслов „Охрид: Престолнина на културата и православието“. Во објавениот текст, на шест страници авторката Лилјана Реброња пишува дека нашиот најголем туристички центар е еден од најубавите туристички дестинации во светот за љубителите на културниот туризам.
„Македонскиот град музеј Охрид, чија старост се проценува на повеќе од 7000 години, гордо го носи името „Балкански Ерусалим“. Охрид по многу нешта е уникатен, но, пред сè, заради своите 365 цркви …“, пишува во дел од репортажата.
Објавувањето на текстот е резултат на промотивната тура „Охрид 2015“ која ја организираше Охридската Локална самоуправа. Благодарение на оваа промотивна тура претходно беа објавени репортажи за Охрид во словенскиот и турскиот магазин „Ревија Хоризонт“ и „Глобер“.
OhridNews