Владата не побара продолжување на вонредната состојба во земјата, која од денеска официјално повее не е на сила. На 65-та седница, одржана вчера, Владата заклучи дека по престанувањето на вонредната состојба, остануваат во сила мерките со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица и бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома, како и сите мерки и протоколи опфатени во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот КОВИД-19.
Владата усвои и Протокол за работа на автокамповите со цел спречување на ширење на КОВИД-19, како и дополнување на Протоколот за работа на моловите кои ќе работат од 10-22 часот, а недела останува неработен ден за нив.
На оваа седница е усвоен и Протокол за државна матура, кој е наменет за учениците што во претходните учебни години положиле испити од училишна матура или завршен испит со четиригодишно траење и се пријавиле за полагање на испитите за државна матура во учебната 2019/2020 година.
На оваа седница Владата ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба, со што се уредува воведувањето на коронавирусот КОВИД-19 во групата на заразни болести за кои Законот воспоставува обврска за пријавување од страна на лекарите и здравствените установи како причина за заболување или смрт.
Со Уредбата за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба, која исто така беше усвоена на оваа седница, се уредува можноста министерот за здравство, за целото време на постоење на заразната болест КОВИД-19, а заради ефикасно, ефективно и навремено дијагностицирање, третман, лекување, нега и рехабилитација на лицата заболени од оваа болест, по потреба, со наредба да упатува здравствени работници, односно здравствени соработници и помошно-технички лица вработени во јавна здравствена установа во мрежата на работа во друга јавна здравствена установа во мрежата. Притоа, за време на извршувањето на работата во јавната здравствена установа во која се упатени, здравствените работници, односно здравствените соработници и помошно-техничките лица правата и обврските од работниот однос да ги остваруваат во здравствената установа во која имаат засновано редовен работен однос.
OhridNews