Репортажа на „Утрински весник“
„И дури тогаш езерото ќе се врати на првобитното ниво“, коментираат мештаните од крајбрежните села. Преспанци се задоволни од надојдената вода, за која велат дека барем за нив ќе донесе благодат и надеж. Помладите генерации не паметат така исполнето езеро откако се родиле, а повозрасните се убедени оти има иднина за овој дел од државата.
Навистина не треба да си преспанец за да ја почувствуваш убавината на Преспа. Вакво нешто единствено може да направи природата. Водата покрила голем дел од брегот, ги пополнила дупките во земјата и ја натопила трската. Небаре палаво дете се покајало за направената грешка и се вратило во прегратките на питомата преспанска природа.
„Педесет години сум со езерото, за добро и за лошо. Преспанци сами правеле анализи за езерото. Од 1918 година досега водата се повлекла за цели осум метри и 52 сантиметра. Тоа беше и научно докажано. Единствено во 1963 година водата порасна за три метри. Оттогаш, па дури сега, по цели 47 години, оваа зима езерото се враќа за 1,2 метри“, се потсетува стариот и искусен рибар Љупчо Калунџиевски од селото Перово во северниот дел од Преспа. Тој додава дека преспанци многу се радуваат на враќањето на езерото. Дури воопшто не ги загрижува тоа што голем дел од нивните овоштарници, засадени на самиот брег, се под вода, а постои и можност стеблата целосно да бидат уништени.
Најавтентична слика дека езерото го покрило брегот за триесетина метри е токму Рибарското село, лоцирано на раскрсницата пред туристичката населба Отешево. Тука дрвениот мост и сплавовите, што до лани беа на суво, сега се под вода. Чамецот што беше закотвен на брегот е под вода, а речиси за 40 сантиметри се потопени и врбите што минатата година сопствениците ги засадиле на плажата за да им чуваат сенка на капачите. Меѓутоа, иако поголемиот дел од дрвената градба на Рибарското село е под вода, сопственикот не се жали. Напротив, се радува.
„Да даде Господ да продолжат врнежите. Доколку водата надојде уште еден метар преспанци ќе имаат слатки маки, макар да го потопи и ова наше Рибарско село. Подобро ќе биде така, отколку повторно да ја гледаме грдотијата и сушата што со децении наназад ја уништуваше Преспа. До лани ова пред мене, повеќе од триесет чекори, беше земја. Сега е вода што ќе донесе бериќет“, потенцира Љупчо Крстевски, менаџер на Рибарското село.
За Преспанци надојдената вода во езерото ќе направи големи промени во природата. Ама, велат, се’ ќе биде за добро. Водата ќе ја покрие тињата што го зеленееше брегот на Преспа и ќе овозможи поголемо мрестење на риби. Но, тие веруваат дека ќе привлече и повеќе туристи.
„На брегот, во длабочина од 40 сантиметри ногата пропаѓаше во тиња. Оваа вода ќе ги исчисти гнасотиите, ќе донесе ситен песок и ќе направи убави природни плажи. Рибите ќе се засолнат во трските, ќе се мрестат и ќе има што да се лови. Тоа особено ќе биде поволно за надалеку прочуениот преспански крап. Ќе има со што да ги пречекаме и гостите што ќе заминуваат сити, со очи и со стомак“, со насмевка констатира рибарот Калунџиевски.
На ваквите прогнози се радува и сопственикот на Рибарското село. Ова парче земја на Преспа последните три години е познато по тоа што на брегот е изграден етномузеј, со голем број автентични предмети од Преспанскиот регион. Покрај плажата се засадени овошки и зеленчук. Посетителите сами може да наберат свежи јаготки, домати, марула и да уживаат во нивниот вкус додека се сончаат на брегот.
„Кога ќе слушнат луѓето дека езерото се вратило, ќе им биде мерак да дојдат во Преспа. Сега, во март, ќе почнеме со подготовка на објектот, плажата и на градините. Да не се правиме скромни, но очекуваме повеќе гости. Доколку во сезона имавме до 7.000 туристи, сега се надеваме на бројка од над 10.000“, пресметува Крстевски.
Во последните години низ Преспа минуваат туристи од Израел, Полска Холандија, Србија и од Бугарија, а потоа продолжуваат за Охрид. Најчесто доаѓаат да испијат кафе на брегот на езерото и да уживаат во убавините на Преспа, но и да се уверат во прекрасната глетка на езерото од височините на Галичица.
Сепак, и покрај убавите вести од Преспа, во западниот дел од нејзиното крајбрежје туристите немаат голем избор за сместување. Најголем дел од поранешните одморалишта во туристичките населби Отешево и Царина, повеќето се сопственост на португалската „Аквапура“, сосема се запуштени. Руинирани се до тој степен што тешко е да се поверува дека тука ќе може да се пречекаат гости. Единствена алтернатива за сместување во овој дел од Преспа е крајбрежното село Стење. Таму има два мали хотела, неколку ресторани, а на располагање е и приватното сместување.
„Во западниот дел на Преспа секогаш доаѓале поелитни гости, за разлика од источниот дел на крајбрежјето. Но, откако се затворени хотелите, во кои своевремено се сместуваа и до 7.000 туристи, сега, за жал, имаме капацитет да примиме од 700 до 900 гости. Еве, тука е ужасот на Преспа. Јас во мојот хотел имам само 26 кревети. Тоа е премалку за потребите на туристите што доаѓаат во Стење“, вели сопственикот на хотелот „Рива“ во Стење, Ристо Стојановски.
Сепак, надојдената вода во Преспанското Езеро не е доволен адут за заживување на овој крај. Попусто ќе биде враќањето на езерото ако државата навистина не се заинтересира за Преспа. Жителите се’ уште се надеваат дека локалната власт во Ресен ќе го исполни ветувањето за големото пролетно чистење на брегот на Преспа.
„Со децении, можеби две и повеќе, брегот на Преспанското Езеро не е исчистен. Колку и да сакаат туристичките работници да донесат гости, без чисти плажи не е можно тоа. Концесионерите ги уредуваат плажите, но тоа чини многу пари и не можат се’ сами да постигнат. Затоа единствена надеж е да се исполни ветувањето на ресенскиот градоначалник оваа сезона, со пари од општината и од Владата, брегот да се исчисти. Кога може во Дојран да се чисти, зошто тоа да не се направи и тука“, вели Спирче Павлов од село Стење.