Преспа Форум за дијалог 2023 (ПФД2023) ќе се одржи на 15 и 16 јуни во Струга. Годинашниот форум, како што најавуваат организаторите, има посебно значење за државата и за регионот, имајќи предвид дека на 17 јуни се обележува  петгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Северна Македонија и Грција.

ПФД2023 ќе се одржи во време обележано од невидената, непредизвикана и нехумана воена агресија што ја води Русија против Украина, но и за време на Претседавањето на Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, со што преземавме огромна одговорност и решителност целосно да се ангажираме во заштитата на принципите и заложбите на ОБСЕ и во промовирањето дијалог и соработка, се наведува во најавното соопштение.

Програмата на Форумот ќе вклучи, меѓу другото, разговори за горливите регионални и европски политичко-безбедносни прашања, евроинтеграцијата на државите од Западниот Балкан, перспективите за зајакнување на регионалната соработка и добрососедските односи, борбата против корупцијата итн.

ПФД2023 повторно ќе понуди платформа за дискусија и ќе собере на едно место домашни и меѓународни високи претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации, кои ќе имаат одлична можност лично да ги споделат нивните анализи, мисли и идеи за широк обем регионални и меѓународни теми, посочуваат организаторите на Преспа Форум за дијалог 2023.

OhridNews