Во Струга во тек е третото издание на Преспа форумот за дијалог насловен „Проширено европско семејство до 2030: (не)возможна мисија?”, организиран од Министерството за надворешни работи, а под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски. Преспа Форумот за дијалог оваа година се совпаѓа и со првиот јубилеј од потпишувањето на Преспанскиот договор.
Насловна тема на годинашниот ПФД е обединета Европа како клучен фактор за долгорочната безбедност и стабилност на континентот, пресликан преку зајакната и забрзана интеграција на останатите земји од континентот во Европската Унија. Премиерот Ковачевски, како покровител, ќе ја предводи централната сесија на Конференцијата на тема- „5 години по Преспанскиот договор: предизвици кои создаваат можности.“
За поместување од статус-кво состојбите секогаш се потребни вистински политичари кои сакаат да пронајдат решение и во таа смисла големата лекција што се извлече од Преспанскиот Договор е дека не избираме политичари да служат како скапи огледала, туку политичари кои треба да гледаат во иднината, порача поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска на обраќањето на панелот „Научени лекции и просперитет“ на „Преспа форумот за дијалог“ во Струга.
Денес за Преспанскиот договор никој не вели дека ќе го поништи. Јас не сум видела таков ниту во Северна Македонија, ниту во Грција. Тоа е големиот доказ за успехот на Преспанскиот договор. Дури и оние кои што беа строги критичари, сега молчат, рече Шекеринска.
Таа порача дека Преспанскиот договор не потсети оти миротворците се оние кои што го создаваат мирот, а по јавниот отпор што го имаше во почетокот, сега јавноста може да види дека има придобивки, особено денес кога безбедноста повторно е на дневен ред.
Мислам дека нема многу луѓе кои што размислуваат што би се случило во Северна Македонија доколку не обезбедевме место како земја членка на НАТО. Тоа без Преспанскиот договор не беше возможно, истакна поранешната министерка Шекеринска, додавајќи дека за да биде витален Преспанскиот договор, потребен е ЕУ-контекст.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во обраќањето на панелот предочи дека успехот на Преспанскиот договор се должи на комуникацијата, соработката и поддршката од меѓународната заедница, односно од Брисел и Вашингтон, како „центри градители на мирот“.
Ние поставивме цели, а првата наша цел беше мирот, стабилноста и безбедноста за нашата држава. Исто така наша цел беше нула проблеми со соседните држави, а потоа да се приклучиме на државите со напредна демократија, а не на автократските држави. Се определивме за држава и владеење на правото и овој наш успех слободно ќе речам треба да се сподели заедно со меѓународната заедница, нагласи Ахмети.
Извршната директорка за Европа и Централна Азија на Европска служба за надворешно акција, холандската амбасадорка Анџелина Ајхорст, потсетувајќи на деновите кога беше потпишан Преспанскиот Договор рече дека тоа е резултат на политичка волја за која имаше и политичка цена. Според неа, и денес е важно да бидеме обединети и да застанеме заедно зад иста цел и во таа смисла тајмингот е од пресудна важност.
Важно е лидерите да дојдат до политичка одлука, а за нас во ЕУ проширувањето не е веќе мит, не е дали, туку, како и колку брзо и колку ефикасно можеме да го направиме тоа, бидејќи премногу долго време чекаме за ова, истакна Ајхорст.
На панел сесија „Управување со миграциите на релација ЕУ – Западен Балкан: солидарност и споделени обврски”, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека клучна активност на нашиот пат натаму во одржливото управување со миграциите во Западен Балкан претставува напредокот во реализирање на меѓународната прекугранична соработка, зацврстена меѓународна доверба, зголемена размена на информации, која е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент уште поповолен, а со тоа и напредокот во европските интеграции уште побрз.
Само европски одговор, кој ќе ги вклучува и земјите кои географски и природно припаѓаат на Европа, искористувајќи го потенцијалот на легалната миграција и намалувајќи ја илегалната миграција, осигурувајќи безбедни и контролирани граници, но и хуман и ефективен пристап, нагласи министерот Спасовски.
Министерот за економија, Крешник Бектеши на дискусијата „Трасирање на патот кон просперитет: EcoFin стратегии за раст на Западен Балкан“ истакна дека процесот на пристапување во Европската Унија е многу важен за целиот регион на Западен Балкан, секоја земја е во различна фаза, но треба да има јасна перспектива создавајќи посилни врски со институциите на Унијата.
Поддршката на ЕУ е добредојдена како поддршка за градење капацитети, пристап до финансии, вмрежување и отворање можности за партнерства со партнерите од ЕУ. Ќе биде многу тежок пристапот кон ЕУ, затоа што ние не можеме да го направиме тој голем прогрес без поддршка од земјите на ЕУ. За граѓаните е важно да има еднаквост кон сите можности. Сите земји од Западен Балкан треба да се третираат на ист начин од земјите на ЕУ, тоа е клучно и за Република Северна Македонија. Ние не може да работиме само за да преживееме, но треба да создадеме и прогрес. Нашите цели се стратешките сектори на кои им требаат структурни реформи, како и поддршка на двигателите за иновации, истражување и развој и бизнис врз основа на домени за паметна специјализација, рече Бектеши.
Во своето обраќање на панелот, помошник на генералниот секретар на ОН, Ивана Живковиќ, рече дека УНДП ги поддржува програмските земји да спроведат планови за постигнување инклузивен, издржлив и одржлив раст.
Помошта за економиите на Западен Балкан за да ги постигнат Целите за одржлив развој, значи дека УНДП ги поддржува и нивните аспирации за пристапување во ЕУ. Концептот „Не оставаме никого зад нас“ носи инклузивен и одржлив економски раст, кој гарантира дека придобивките од економскиот развој ќе ги почувствуваат сите сегменти на општеството. Работата на УНДП во Западен Балкан помага да се осигура дека придобивките од инклузивниот раст се широко споделени и дека ветувањата од Зелената агенда и дигиталната трансформација стануваат реалност, рече Живковиќ.
Претходно беше одржан и младинскиот панел „Развивање вештини и создавање можности: стратегии за справување со одливот на мозоци“, претставници на владини и меѓународни институции, здруженија на млади и невладини организации дебатираа за конкретни решенија со кои треба да се влијае врз намалување на миграцијата, особено на младите и како оние што се иселиле да се поттикнат да се вратат дома.
Во ТИРЗ креираме европски, добро платени работни места и можности за младите дома. Ако се решите да ја напуштите земјата, тогаш не можете да ја направите промената. Ако останете, можете да се обидете, да успеете и да бидете промената. Имаме многу паметни и школувани луѓе и нивниот интелектуален потенцијал е она што може и ќе ја придвижи државата напред. Мора сите да работиме заедно за да создадеме иднина за младите дома наместо живот спакуван во куфери, порача Јован Деспотовски, директор на Технолошки индустриските развојни зони (ТИРЗ).
Во рамки на Преспа Форумот беше потпишан и Меморандум за разбирање, а беа одржани и неколки билaтeларни средби.
На дводневниот форум на едно место присутни се видни домашни и меѓународни високи претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации, коишто имаат одлична можност да ги споделат нивните анализи, мисли и идеи за најактуелните регионални и меѓународни теми.
OhridNews