Локалните политичари, кои се продолжена рака на најмоќните партии во државата една недела се сликаат пред вратите на некогашните стопански гиганти во Охрид, обвинувајќи се меѓусебно кој која фабрика или компанија ја уништил, затворил, или опљачкал. Паднаа  тешки навреди, но и сериозни обвинувања за лично богатење и корупција. Во нормална држава после ваква вербална битка со тешка артилерија реагира јавното обвинителство, а кај нас следи реакција на пресот на политичкиот опонент, па реакција на реакцијата и така до недоглед.

Навикна овој народ да слуша се и сешто од македонските политичари кои освен обвинувања не нудат одговори како да се излезе од кризата, да се привлечат инвеститори, да се рестартираат фабриките, а  во нив да се вратат работниците кои две децении го живеат транзициониот кошмар кој им го приредија политичките партии. Што фајде имаат стотиците уништени охридски семејства од меѓусебните обвинувања на партиите, кои откако ќе си ги заменат местата со власта ги фаќа амнезија. Забораваат тогаш да ја истераат правдата која ја бараат излажаните од „Охридска трговија“, „Слобода“, „Отекс“, „ЕМО“……

Кај нашите политичари зборот одговорност нема никакво значење, затоа што за се што ни се случува не се виновни тие, туку оние од другата партија. Политички дијалог се  практицира во крајна  нужда, најчесто под притисок на меѓународната заедница. Приказна за себе е и децентрализацијата и “соработката“ помеѓу централната и локалната власт, особено кога е во прашање Охрид. Владата и општината како да се од две различни планети, не можат да се разберат за ништо. Кога веќе не можат или не сaкаат да седнат и во интерес на граѓаните да ги решаваат проблемите, се фокусираат на повисоки цели – партиски интереси. Битно е да се држи тензија во јавноста, да се собере некој политички поен за следните избори кога и да се. Се е битка за рејтинг, па не смее да се пропушти ниту една прилика. Не се поштедени и медиумите. Дел се злоупотребуваат, а  дел се употребуваат. Тие секојдневно добиваат соопштенија, реакции, најави за пресови на политичките партии. Така е и деновиве. Прес, соопштение, реакција, контра реакција и сето тоа, како што велат партиите, во интерес на граѓаните на Охрид, оние истите кои со години, ако не и со децении чекаат на исполнување на дадените ветувања од политичките партии. Овој народ докажано е трпелив, па затоа не се разочарува. Ионака од ветувања не се живее.

Горан Момироски