На сцената Долни Сарај не се гради никаков угостителски објект тврдат од дирекцијата на фестивалот. Оттаму велат дека не е потпишан никаков договор за издавање под закуп на споменатиот простор со никого и дека информациите што во последно време кружат во јавноста се шпекулации кои му штетат на угледот на фестивалот.
“Најодговорно тврдам дека дека на Долни сарај нема да има угостителски објект, а најмалку ноќен клуб или дискотека, тоа ниту законот го дозволува, ниту ми паднало на памет такво нешто“, вели Тони Симоноски-директор на фестивалот Охридско лето.
Општинската инспекција, на пријава на граѓани од МЗ Стар град, деновиве поднесе прекршочна пријава против Министерството за култура поради незаконско сечење на дрва и зеленило на сцената Долни сарај, но од дирекцијата на фестивалот Охридско лето велат дека немаат информација за такво нешто.
Директорот Симоноски потврдува дека се пресечени неколку дрва на Долни сарај, но вели дека тоа било направено затоа што дрвата претставувале опасност за потпорниот ѕид. Симоноски објаснува дека просторот се уредува за потребите на фестивалите Охридско лето и Балканскиот фестивал и дека таму работат само службите на фестивалот Охридско лето.
Во сенка на овој случај мина прес конференцијата на дирекцијата на фестивалот на која беше информирано дека 99% од програмата за 47 Охридско лето е дефинирана. Единствена дилема е дали на отворањето на фестивалот на 12 јули на Античкиот театар ќе настапи Киевскиот балет или ќе биде изведен проектот „Соларис“ од Златко Славенски.
На 47 Охридско лето како што рече Симоноски, ќе бидат изведени 45 музички и драмски претстви, а повеќе од 90% од учесниците за прв пат ќе настапат на фестивалот. Шерон Камп, Барбара Хендрикс, шпаснкиот квартет „Пепе Ромеро“, најгледаната претстава во Европа „Тесла електроникс“-Словенија, Симон Трепчески и камерниот оркестар од Санк Петерсбург и ансамблот Танец, се само дел од плејадата познати музички и драмски имиња со кои фестивалот ќе го задржи високото реноме, велат од дирекцијата на Охридско лето.
Г. Момироски