Во изминатите 24 часа, во земјава се регистрирани 15 нови случаи на заболени лица со коронавирус од кои 4 во Скопје, 8 во Куманово, 1 во Тетово, 1 во Струга, 1 во Штип. Со тоа вкупниот број на заболени лица во земјава се искачи на 570.

На Инфективната клиника во Скопје починале тројца пациенти заболени со коронавирус. Еден пациент од Кочани на 40-годишна возраст кој бил хоспитализиран на 29 март, без познати минати заболувања, пациент од Тетово на возраст од 69 години со претходна состојба тумор на мозокот и пациент од Тетово на 65-годишна возраст без познати други минати заболувања.

Од клиниката во Скопје денес заминуваат 4 оздравени пациенти, а негативни се и повторените тестови на три лица од Дебар кои ќе бидат пуштени на домашно лекување.

Во битолската Болница, која од вчера е регионален центар за хоспитализација на пациенти од регионот, во моментов е хоспитализиран еден пациент, но во тек е трансфер на сите пациенти кои претходно беа хоспитализирани во охридската болница. Станува збор за лица од околината на Струга.

Претседателот на владата, Оливер Спасовски, информира за дополнителните мерки и ограничувања во движењето, потенцирајќи дека со оглед на влегувањето во втората фаза од епидемијата, мора да бидат донесени. Причина повеќе, како што рече премиерот, се и претстојните верски празници, кои годинава ќе мора да ги поминеме дома, без посети на роднини и пријатели.

Неопходноста од дополнителните мерки ја потенцира и д-р Владимир Микиќ.

  • Мерките се неопходни. Во овој период нема друг начин, нема специфичен лек, не постои вакцина не постои друга мерка која може да го спречи понатамошното ширење на вирусот. Можеби некои од коментарите се дека бројките не се толку големи, но ве уверувам дека ако не се преземат вакви мерки ќе не очекуваат многу повисоки бројки кои можат значително да го оптоварат нашиот здравствен систем, рече д-р Микиќ.

OhridNews