Досега преземените мерки сметаме дека ќе дадат резултат. но истовремено се подготвуваме и за периодот, кога ќе треба постепено животот и целокупниот работен процес да се врати во нормала, рече на денешната прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.
- Сакам да упатам порака дека нема да може лесно, целокупниот работен процес и животот, да се врати со ист интензитет, имајќи ги во предвид искуствата на другите земји. Секогаш постои ризик и за друг пик на новодијагностицирани пациенти. Следната недела започнуваме интензивна комуникација со претставници на стопанските комори, а на кои од наша страна и комисијата за заразни болести ќе им се даде јасна насока на економските оператори, производствени капацитети, угостители, како треба нивниот работен процес да го организираат за да во моментот кога ќе се одлучи дека е дојден момент да се отстранат ригорозните мерки, процесот постепено да се врати во нормала, рече Филипче.
Министерот потенцира дека ваквите активности се со цел да кратко време по подигањето на мерките, не дојде до ситуација во која би дошло до нагло покачување на бројот на заболени, состојба која сега успешно е избегната.
Министерот Филипче потенцира дека од исклучително значење е да се почитуваат мерките и дека сите треба да се свесни дека ова е сериозен влог за подобро утре. Мерките за заштита од ширење на вирусот навреме се воведени со што успешно се амортизира ударот врз нашиот здравствен систем.