Владата на вчерашната седница донесе Одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите, од кои дел ќе бидат наменети за набавка на вакцини против Ковид-19. Според најавите, досега се обезбедени 833 илјади дози вакцини против коронавирусот, со кои ќе бидат вакцинирани 400 илјади граѓани.
Од нешто повеќе од 1,3 милијарди денари, односно околу 20 милиони евра, кои ќе бидат реалоцирани помеѓу буџетските корисници, еден дел ќе бидат наменети за обезбедување дополнителни средства за зајакнување на фондот за набавка на вакцини против КОВИД-19, како и за исплата на еднократен паричен надомест за медицински лица и помошен персонал ангажирани во лекувањето на пациенти заболени од Ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера за време на средбата на премиерот Зоран Заев со претставници на сите партии членки на владината коалиција, информира дека нашата земја го потпиша Ковакс групниот механизам, преку Светска здравствена организација за рамномерна распределба на вакцините против Ковид-19 во сите земји.
Обезбедивме 833 илјади дози за 400 илјади граѓани кои два пати ќе се вакцинираат во текот на месец март. Сите вакцини кои се дел од Ковакс системот се со докажани добри ефекти и соодветна количина на анти-тела, истакна министерот Филипче.
Според последините податоци на Министерството за здравство, објавени синоќа, во деноноќието меѓу петокот и саботата биле регистрирани 982 нови случаи на Ковид-19, оздравеле 556 пациенти, а починале 19 лица. Меѓу починатите се и 41-годишен лекар од тетовско Боговиње, како и 72-годишен затвореник од Казнено-поправниот дом „Идризово“, кој имал тешка форма на дијбетес, поради што му била ампутирана ногата.
Со последните податоци, вкупната бројка на ковид дијагностицирани пациенти во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 73025, на оздравени 8726, на починати 2096, а бројот на активни случаи изнесува 22203.
Инаку, до вчера на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава беа хоспитализирани 1301 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, при што имаше околу 190 празни болнички кревети и се очекуваше да се ослободат дополнителни легла по исписите на оздравени пациенти.
Во деноноќието меѓу петокот и саботата во ковид центрите во Скопје биле хоспитализирани 37 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, со што вкупниот број лица сомнителни и потврдени за КОВИД-19, кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град достигна 480. Во ковид центрите во болниците во останатите градови на земјава до вчера се лекувале 821 пациент позитивен и суспектен на корона вирусот.
Министерството за здравство информира дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка. Министерството воедно истакнува дека е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
Нови црни биланси на ковид жртви бележат и земјите во регионот. Во Албанија во претходното деноноќие е регистран нов негативен рекорд од 879 заразени. Од почетокот на пандемијата во Албанија се регистирани 47.742 заболени, од кои починале 989.
Во Бугарија во деноноќието меѓу петокот и саботата починале 157 лица со потврден Ковид-19, од кои кај 40 нема податоци за други болести. Во истиот период се регистирани 3097 новодијагностицирани лица, со што вкупниот број на потврдените случаи на коронавирус во Бугарија достигна 177.665.
Во истиот период во Грција се регистриран 1.194 новозаразени и 68 починати. Од почетокот на епидемијата во Грција има 123.842 заразени лица и 3.540 починати. Во атинска болница се роди бебе позитивно на Ковид-19 од мајка заразена со вирусот, што е прв ваков случај во Грција.
Во Хрватска, пак, се евидентирани 4135 нови случаи на Ковид-19, а починаа 78 лица. Од 25 февруари 2020 година, кога е регистриран првиот случај на коронавирус во Хрватска, па до вчера се евидентирани вкупно 172.523 лица заразени со овој вирус, од кои 2.562 починале. Како што соопшти вчера Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), Хрватска се проби на прво место меѓу 31 европска земја со 1194,3 активни случаи на коронавирус на 100 000 жители во претходните 14 дена, пред Литванија со 1.146,7 и Луксембург со 1.079,7.
Во Словенија се регистрирани 1.744 новозаразени лица, а починале 43 лица, со што вкупниот број смртни случаи од Ковид-19 во земјата надмина 2.000.
Во Германија во претходното деноноќие биле регистрирани 28.438 нови инфекции и 496 смртни случаи кај пациенти со Ковид-19, по што германската канцеларка Ангела Меркел вчера одржуа состанок со првите луѓе на сојузните покраини, на кој се разговараше за заострување на епидемиските мерки, меѓу кои и можноста за затворање на продавниците пред Божикните празници.
Во Русија во претходните 24 часа се регистрирани 28.137 новоинфицирани лица, со што од почетокот на епидемијата вкупнот билнас на заболени достигна 2.625.848.
Според податоците на интернет – страницата „Ворлдметер“, од почетокот на пандемијата, па до вечра ширум светот се регистрирани 71.329.412 лица со коронавирус, од кои починале 1.599.128, а 49.473.092 се сметаат за излекувани. Активни се 20.257.192 случаи, од кои 106.583, или 0,5 проценти, се во сериозна или критична состојба.
OhridNews