Во народното верување бидејќи се работи за пролетен празник поврзан е со зеленилото. Во Дебрца (Охридско) на овој ден не се работи и не се јаде зелено. Марко Цепенков запишал дека на Руса Среда не чинело да се јаде нешто зелено како спанаќ, коприви и друго „за да не те фати булусница на устата (устоболие)“
Во Зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека на овој празник се изведувал обичајот „Додоле“ за измолување дожд. „На Руса Среда момите одберват една од меѓу себе и над рутишчата од глава до ноѕе ја опашват со секакви треви на пример боз и др. и ходат по куќите пејеешчем“.
Одлетала пеперуга, ој љуље,ој!
Од орача на орача, од копача на копача,
од режача на режача
да заросит ситна роса
ситна роса бериќетна
и по поле и по море
да се родит с бериќет
с бериќет виножито,
чеиниците до гредите,
јачмените до стреите,
леноите до појаси,
уроите до колена:
да се ранат сиромаси.
Дарвете не со сито,
да је ситна година,
дарвете не со ошница,
да је полна кошница
Дарвете не со јамаче
да је тучна година.