Светата православна црква денеска го одбележува споменот на Преподобна Теодора Александриска, на Свети Силуан Атонски и на Преподобниот Ефросин готвач.
Житие за Преподобна Теодора Александриска
Од Александрија, жена на млад маж. Наговорена од некоја бајачка, таа извршила прељуба со друг човек. И веднаш совеста почнала луто да ја гризе. Си ја исекле косата и се облекла во машка облека, па стапила во машкиот манастир Октодекат под машкото име Теодор. Нејзиниот труд, пост, бдеење, понизноста и плачното покајание ги восхитувале сите браќа. Наклеветена од некоја блудна девица дека е од неа обесчестена и забременила, Теодора не сакала да се оправдува, сметајќи го тоа како казна Божја за својот поранешен грев. Избркана од манастирот таа седум години поминала пребивајќи по шуми и пустини, притоа негувајќи го и детето на блудницата. Ги победила сите ѓаволски искушенија: не сакала да му се поклони на сатаната, не сакала да прими јадење од рацете на еден војник, не сакала да ги слуша советите на мажот ѝ да му се врати – зашто сето тоа беше само ѓаволски привид и штом Теодора ќе се прекрстела со крстот, сѐ исчезнувало како чад. По седум години игуменот ја примил во манастирот, каде што проживеала уште две години, па се упокоила во Господ. Дури тогаш дознале монасите дека е жена, а на игуменот му се јавил ангел и сѐ му објасни. Нејзиниот маж тогаш дошол на погреб и до смртта останал во келијата на својата некогашна жена. Света Теодора имала голема Божја благодат: скротувала ѕверови, исцелувала болести, извадила вода од сув бунар. Така ја прославил Бог вистинската покајничка којашто долготрпеливо се каела девет години за само еден грев. Се упокоила во 490 година.