Параскева (Петка), позната како Петка Трновска е родена во Епиват во Тракија на бргот на Средоземното Море кон крајот на 10 век. Родителите и биле побожни и така ги воспитувале и своите деца. Кога и умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми, па и како ѕвер ја напаѓал но таа не се поколебала.
Кога остарела ангелот божји и соопштил дека треба да се врати во родното место зошто е дојден часот кога треба душата да му ја предаде на Бога. „Остави ја пустината и врати се во својата татковина, бидејќи таму треба да го оставиш телото на земјата а со душата да преминеш кај Господа“. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набргу умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале, ја погребале не на селските гробишта, туку одделно како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод а морнарите го фрлиле во морето. Тоа тело набргу почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат во земја за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и на нивно изненадување наишле на тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание зошто како што си мислеле ако било на некоја светица Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената Света Петка го закопале, а врз него телото на патникот што го исфрлило морето.
Ноќта на еден од тие луѓе по име Ѓорѓија му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Ѓорѓија тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на Света Петка го погребале заедно со смрденото тело на патникот: „Георгие, зошто го презревте телото на преподобната Параскева и заедно со неа го сохранивте смрдливото тело? Веднаш земете го телото на преподобната и положете го на достојно место зошто Бог сакаше да ја прослави на земјата рабата своја“. Тогаш и царицата му рекла: „Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги положиш на достојно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп. Оти и јас сум жена, и мојата родбина е Епиват, каде сега и вие живеете“. Таа ноќ истото и се сонило на некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на Света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите Апостоли Петар и Павле во Епиват. Моштите на Света Петка неколкупати биле преместувани пред освојувањата на турците, а од 1641 година почиваат во Романија во црквата „Три светци“ во светиот град Јаш.