Легендата раскажува дека Св. Спиридон направил чудо на Никејскиот собор кога за да ги демантира еретиците и Ариевците стиснал ќерамида во раката при што од горната страна излегол пламен, а од долната страна на ќерамидата протекла вода.
Постојат повеќе обичаи и верувања поврзани со Св. Спиридон. Во Радовишко Св. Спиридон бил еснафски празник на кондураџиите и самарџиите. На денот на светецот овие еснафи носеле во црквата чинија со жито и проскури. Жените го празнувале за здравје и среќа во работата на своите мажи.
Во Пиринскиот крај Св. Спиридон се сметал за заштитник на коњите и крупниот добиток. Затоа тој ден рано наутро жените раздавале обреден леб за здравје на овој добиток. Во Охрид Св. Спиридон се смета за патрон на кондураџискиот еснаф.