Преподобниот
Нектариј Битолски е роден во Битола од побожни родители. Крстено име му
е Никола. Живеел во време кога Турците ги освојувале овие простори.
Мајка му еднаш кога работела на гумното заспала и сонувала како
Богородица ја советувала со мажот и децата да бегаат некаде и да се
сокријат зошто ќе дојдат Турците и ќе направат многу зла. Ги послушале
советите на Божјата Мајка и се засолниле. Навистина набргу дошле
Турците и на населението му направиле многу зло. Кога состојбата се
смирила целото семејство излегло од засолништето живо и здраво и
благодарно кон Бога и Богородица за предупредувањето и спасението.


Татко
му на Никола во поодминати години, со одобрение на мајка му заминал во
манастирот Свети врачи Кузман и Дамјан близу до Битола, се замонашил и
добил име Пахомиј. Во манастирот често доаѓал Никола со својот помлад
брат.

Обичај
било во манастирот да доаѓа околното население и да носи дарови.
Особено тоа масовно се случувало за време на празникот на Светите
Врачи. Еднаш се случило да народот донесол многу подароци. Имало во
изобилство храна и вино. Но имало и многу народ така што виното бргу се
испило. Пахомиј и неговите двајца синови слегле во подрумот со свеќи во
рацете за да ги измијат бочвите, но биле изненадени кога виделе дека
бочвите на чудесен начин биле наполнети со миризливо и квалитетно вино.

Гледајќи
го ова чудо и сеќавајќи се на јавувањето на Богородица на мајка му,
младиот Никола уште повеќе го засакал животот во манастир и заминал на
Света Гора. Таму бил примен од старецот Дионисиј кој веднаш го одвел
кај видовитиот старец Филотеј. При првото видување старецот го повикал
по име: „Ти си Никола, синот на Пахомиј и сакаш да живееш со нас“.
Никола се изненадил, од каде овој старец што прв пат го гледа го знае
неговото име и името на неговиот татко, но стариот му објаснил дека тоа
го разбрал од Бога кој го испратил тука. Воодушевувајќи се од двајцата
старци Никола останал да живее со нив и да им помага, се замонашил и го
добил името Нектариј.

Преподобниот
Нектариј Битолски умрел на 18 декември 1500 година. По пет години
неговите ученици го отвориле гробот и виделе дека од неговите мошти
течело миро и се ширела пријатна миризба. И денес светите мошти на
Нектариј Битолски почиваат во келијата во Света Гора каде тој живеел и
се молел.   

Јасминка Т. Момироска