Православната црква денеска го одбележува споменот на Преподобен Максим Исповедник, Блажениот Максим Грк, Светиот маченик Неофит и на Светата маченичка Агнија.

Житие за Преподобен Максим Исповедник

Цариграѓанин по род и најнапред висок дворјанин на дворецот на царот Ираклиј, а потоа монах и игумен на еден манастир недалеку од престолнината. Најголем бранител на Православието од т.н. монотелитска ерес, која се изроди од ереста Евтихиева. Имено: како што тврдеше Евтихиј дека Христос има една природа така монотелитите тврдеа дека Он има една волја. Свети Максим се спротивстави на тоа тврдење и се најде како противник на царот и на патријархот. Но не се исплаши туку докрај истраја во докажувањето дека Господ Христос имаше две волји соодветно на двете природи. На негово настојување се одржа еден собор во Картагена, а друг во Рим. И двата собори го анатемисаа учењето на монотелитите. Страдањето на Свети Максим за Православието е неописливо: малтретиран од кнезовите, измамуван од судиите, плукан од народните маси, тепан од војниците, прогонуван, затваран, а најпосле му ги отсекоа јазикот и раката и го осудија на доживотно прогонство во земјата Скитска, каде што три години помина во затвор, па Му ја предаде својата света душа на Бога во 666 година.