Православната црква денеска го одбележува споменот на Преподобен Антониј Велики.

Тој бил Мисирец, роден околу 250 година во некое село Кома близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители си го поделил наследството со својата малолетна сестра, ја згрижил кај некои роднини, својот дел им го раздадел на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посветил на подвижнички живот, како што тежнеел од детството.

Најпрво се движел во близина на своето село, но за да го избегне онеспокојувањето од луѓето, се оддалечил во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник поминал дваесет години не дружејќи се со никого освен со Бога преку непрестајна молитва, поднесувајќи ги неискажливо трпеливо демонските искушенија. Неговата слава се пронесе по целиот свет и околу него се собрале многубројни ученици коишто ги поучувал со пример и со слово на патот кон спасението.

За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отишол во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на Св. Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокоил во сто и петтата година од животот, а зад себе оставил цела војска следбеници и ученици.

Иако необразован, им бил советник и учител на најучените луѓе на неговото време, како на Св. Атанасиј Велики. Кога некои елински филозофи го искушувале со книжевна мудрост, Антониј ги засрамил со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени филозофите се разотишлеа, зашто виделе оти самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го имал Антониј. Тој е човек кој го достигна совршенството коешто воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој е воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразувал себеси, па само така смогнал сила да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, Свети Антониј се упокоил во 335 година.

На овој ден се одбележуваат уште два празника посветени на Светиот цар Теодосиј Велики и на Светиот маченик Георгиј Нов Јанински.

Светиот цар Теодосиј Велики

Овој славен и во верата ревносен цар владеел од 379 до 395 година. Константин Велики го забрани гонењето на христијаните, а Теодосиј отишол уште еден чекор понатаму: го забранил идолското жртвопринесување во својата држава. Многу помагал на утврдувањето и распространувањето на христијанската вера низ светот.

Светиот маченик Георгиј Нов Јанински

Албанец, роден во селото Чуркла во Албанија, од многу сиромашни родители. Присилуван од Турците да се потурчи остана непоколебан во христијанската вера, заради што го обесија во Јанина, на 17 јануари 1838 година. Голем чудотворец и исцелител до ден денес.

OhridNews