Откако
бил крстен во реката Јордан, Исус отишол во пустина каде што 40 дена
живеел во пост и молитви. Потоа почнал да го проповеда своето учење.
Имал многу ученици но од нив одбрал 12 што ги подготвувал да го шират
неговото учење по светот. Ги нарекол апостоли што значи пратеници. Им
раскажувал што ќе се случи во иднина, дека тој ќе биде фатен од
противниците на неговото учење, дека ќе биде мачен и распнат и дека ќе
умре и воскресне. Учениците не можеле да поверуваат синот Божји така да
страда и да умре. За да не се разочараат и да не го напуштат учењето
кога тоа ќе се случи Исус решил да им покаже како тоа ќе изгледа. Повел
тројца апостоли Петар, Јаков и Јован да им го покаже чинот на
воскресението. Зошто Исус не ги повел сите 12 апостоли да го видат тој
чин? Веројатно затоа што Јуда не бил достоен да го види тоа, а да го
изоставел само него тој ќе имал оправдание за предавството што подоцна
се случило.
Тројцата
апостоли Исус ги однел на планината Тавор. Апостолите изморени од патот
веднаш заспале, а Исус почнал да се моли на Бога. Одеднаш лицето
почнало да му свети како сонце,а и облеката му станала бела како снег.
Тогаш се појавиле и двајцата старозаветни пророци Мојсие и Илија. Кога
се случило преображението апостолите се разбудиле и виделе како Исус
разговара со пророците за тоа што наскоро ќе се случи во Ерусалим, за
мачењето и распнувањето, за смртта и воскреснувањето. Тогаш ги прекрил
светол облак и се слушнал глас од облакот „Ова е мојот возљубен Син, во
кого е мојата волја, него послушајте го!“ Тројцата апостоли паднале на
земјата ничкум, а Исус ги допрел и им рекол „Станете и не бојте се!“
Кога станале не виделе ништо освен Исус онаков како што бил пред
преобразувањето. Тогаш Исус им рекол „Никому не кажувајте што видовте
додека Синот Човечки не воскресне од мртвите“.
За
овој празник според народното верувањеза прв пат во годината се бере
грозје и се носи во црквата каде свештеникот по молитвата го
благословува. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите
природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и
грозје.
Кузман Шапкарев го запишал и верувањето
„Веруваат дека на Св. Преображење Господње или ноќта спроти празникот,
секоја година се отворало небото и тога се поклонвеле дрвјата со
врвовите до земја. Во тој момент кога ќе бидело небото отворено, шчо да
посакал чоек од Бога, Господ ќе му дадел“.
Ефтим
Спространов забележал дека на овој ден во Студенчишта кај Охрид се
собирале штрковите пред да заминат во потоплите краишта.
Јасминка Т. Момироска