Причините за пожарот кој изби денеска во НП Галичица, како и висината на штетата, ќе ги утврди истрагата која ќе уследи откако тој ќе биде целосно изгаснат. Ова го изјавија одговорните во националниот парк и професионалната територијална противпожарна единица од Охрид, кои со вонредни сили се справуваат со огнената стихија.

Пожарот изби околу 13.45 часот во близина на далноводите над 110-киловолтната трафостаница, што предизвика повремени прекини во снабдувањето со електрична енергија во делови од Охрид. Пожарот бил пријавен од страна на граѓани, кои најпрвин слушнале експлозии. 

-Најпрвин се слушнале две експлозии по што избил пожарот. Дали е причина допир на далноводот со земја или друга експлозивна направа, не знаеме. Можеби експлодирала некаква боца под притисок од топлина, или пак се работи за човечки фактор треба да ја почекаме истрагата, бидејќи во над 90 отсто од случаите за пожарите е виновен човекот. – изјави Спасе Прентоски-командир на ПТТПЕ Охрид.

Во гасењето на пожарот учествуваат три возила на ПТТПЕ Охрид со 17 пожарникари, додека останатите се во состојба на приправност со цел да можат да одговорат на евентуални други пожари, истакна Прентоски.

На терен се и дежурни тимови на ЕВН Македонија кои будно ја следат состојбата со пожарите, кои беснеат во близина на далноводите над 110-киловолтната трафостаница која го снабдува Охрид со електрична енергија.

OhridNews