Најголемиот православен празник оваа година ќе биде во сенка на битката на светот со коронавирусот Ковид 19, кој целосно го промени начинот на живот и кај нас. Исклучок не се ниту религиските заедници. Храмовите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, вообичаено за Велигденските празници се полни со верници и почитувачи на традицијата. Но, за овој Велигден тие ќе бидат празни, поради препораките на здравствените власти за спречување на ширењето на смртоносниот вирус, кои ги прифати свештенството на МПЦ со апел до граѓаните истите да се почитуваат.
Сепак празничната атмосфера, која во најголемиот духовен центар на православието, Охрид, секогаш е посебна, нема да изостане, но овој пат таа ќе биде пренесена од храмовите во домовите на охриѓани и православните верници ширум земјата и светот. Имено, на иницијатива на ЛК „Лихнидос“, „OhridNews“ и „Мега продукција“, а со благослов на Дебарско – кичевската епархија и поддршка на Град Охрид, на нашиот портал преку „YouТube“, ќе биде реализиран директен пренос од Велигденската богослужба во храмот Плаошник на 18 април со почеток во 23.30 часот, со која ќе чиноначалствува Владиката Тимотеј, со неколкумина свештеници и без присуство на верници, од безбедносни причини.
- На овој начин сакаме да ја пренесеме празничната атмосфера во домовите на охриѓани, кои, за жал, овој пат, поради опасноста која не демне од невидливиот непријател, не ќе можат да присуствуваат на Велигденската богослужба. Веруваме дека сплотени, со позитивен дух и верба, заеднички ќе ја победиме големата закана и ќе излеземе посилни од сето ова. Охриѓани покажуваат исклучителна одговорност, дисциплина и истрајност, а преносот од Велигденската богослужба што ќе го реализираме со сопствени ресурси, е подарок за сите нив и за нашиот град, кој секогаш знаел да се издигне во вакви тешки моменти. – велат иницијаторите.
Директниот пренос од Велигденската богослужба на Плаошник на 18 април (23.30ч.), ќе може да се следи на сите онлајн платформи преку паметни телефони, компјутер, смарт тв и други соодветни дигитални уреди.
OhridNews