Православната црква денеска го одбележува споменот на Преносот на моштите на Светиот апостол Вартоломеј, Светиот апостол Тит, Светите Едески Исповедници и на Свети Мина патријарх Цариградски.
Житие: Пренос на моштите на Светиот апостол Вартоломеј
На овој ден се празнува преносот на моштите на Свети Вартоломеј, додека неговиот главен празник е на 11 јуни. Кога овој голем апостол беше распнат на крст во Албанопол Ерменски, христијаните го симнаа неговото тело и чесно го погребаа во оловен ковчег. Па бидејќи на неговиот гроб стануваа многубројни чуда, особено исцеленија на болни, заради што се зголемуваше бројот на христијаните, незнабожците го зедоа ковчегот со моштите и го фрлија во морето. Во исто време фрлија и четири други ковчези со мошти на четворица маченици: Папијан, Лукијан, Григориј и Акакиј. Но по Божја Промисла ковчезите не потонаа, туку носени од водата допливаа, и тоа: Акакиевиот во градот Аскалус, Григориевиот во Калабрија, Лукијановиот во Месин, Папијановиот на друга страна во Сицилија, а Вартоломеевиот на Липарските острови. Липарскиот епископ Агатон во некое таинствено откровение дозна за приближувањето на моштите на Свети Вартоломеј до островите. Во таа прилика од моштите на апостолот се случија многубројни исцеленија на болни. Агатон со клирот и народот излегоа на брегот и го дочекаа ковчегот со голема радост. Моштите беа положени во црквата на Свети Вартоломеј и лежеа овде до времето на Теофил Иконоборец (околу 839 година), па бидејќи тогаш муслиманите ги загрозија Липарите, моштите на апостолот беа пренесени во градот Беневет. Така Господ го прослави Својот апостол со чуда и за време на животот и после смртта.