Денеска се одбележува празникот „Пренос на моштите на Св. архиѓакон Стефан“. По повод празникот во манастирот „Св. Стефан“ во истоимената населба во Охрид, вчера беше одржана вечерна богослужба, додека утрово се служеше утрена богослужба со почеток од 7:30 минути со света божествена литургија.

За моштите на свети архиѓакон Стефан не се знаеше ништо по неговата смрт со каменување во Ерусалим. Дури во петтиот век на Кафаргамалскиот епископ Лукијан во сон му се јави Гамалил, учителот на апостол Павле, и му го откри местото на кое почиваа неговите мошти, како и начинот на кој тие стасале дотаму. Имено, по убиството на свети Стефан, јудејците оставија неговото тело да го изедат пците, така што се до овој век тие беа сосема заборавени. Епископот Лукијан дојде до пештерата што му беше покажана и таму најде се според кажаното. А кога почнаа да копаат по пештерата се рашири пријатен и добар мирис од светите мошти. Подоцна моштите на свети Стефан беа пренесени во Цариград.

Пештерната црква „Св.Стефан” во Охрид датира од IX век и е единствена црква посветена на овој светител во Македонија. За црквата е искористена една природна пештера која од јужната страна е преградена со ѕид од кршен камен. Покрај црквата во подоцнежниот период се изградени и конаци. Во поново време реконструиран е надворешниот дел на манастирот, изградена е нова камбанарија на местото на старата, како и нови конаци.

OhridNews