„Имаме силна политичка волја и подготвеност за целосно и длабоко спроведување на структурните реформи“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во емисијата „Економски магазин“ на ТВ АлсатМ, на прашањето каков е одговорот на Владата во однос на ова прашање кое го нотира и Европската комисија во годинешниот извештај за нашата земја.

Некои од тие мерки се непопуларни, но ќе мора да бидат спроведени. Драстичното намалување на непродуктивните трошоци, вклучително тука и намалување на администрацијата за 20% е нешто што ќе ослободи дополнителни финансиски средства за да ја помагаме економијата со капитални инвестиции. Нашата продуктивност мора да ја изедначиме со онаа на земјите од ЕУ, а тоа ќе дојде со доследно спроведување на реформите од правосудството до образованието. – нагласи премиерот Заев.

Тој потенцираше дека дигитализацијата мора да ја прифатиме како неопходност и тоа оваа криза го покажа како суштинска потреба.

Многу од традиционалните работни места ќе исчезнат, но затоа со дигитализацијата се отвора многу широк спектар на нови или досега недоволно прифатени. Секоја криза носи и можности кои треба да ги препознаеме и да направиме предност од нив, и ние мора да се подготвиме да работиме во вакви околности“, потенцираше премиерот Заев.

Премиерот смета дека е неопходно да се отвори дебата како околу 1,5 милијарди евра средства на граѓаните кои се надвор од финансиските текови и од финансискиот промет да се трансформираат во инвестиции за дополнителен економски развој.

Сега имаме стабилен и сигурен амбиент за инвестиции и за економски развој заради нашето членство во НАТО, а еве нé и пред почетокот на отворањето на поглавјата за членство во ЕУ и Брисел нé стави во фокусот со Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за Западен Балкан. Но, да се запрашаме дали ги користиме сите ресурси? Дали ги знаеме сите наши ресурси? Дали се максимално искористени? Владата отвори дебата со коморите, а отворив дебата и на една од седниците за важни теми кои треба да станат видливи, како што е темата на кој начин да се стават во функција 1,5 милијарди евра на граѓаните. – објасни премиерот Заев.

Заев истакна дека голем потенцијал за инвестиции има во земјоделското земјиште кое што во голема мерка е уште државно.

OhridNews