Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, божикните празници ги поминува во Охрид.

Ковачевски утрово во придружба на претседателката на ОО СДСМ Охрид Кристина Крлеска Деспотовска, пратениците од регионот Лазе Танески, Жаклина Лазароска, Јован Митрески, како и членови на партијата од Охрид, присуствуваше на божикната богослужба во црквата Св. Ѓорѓија во Влашка маала со којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј.

Премиерот Ковачевски поразговара со верниците, како и со претставниците на МПЦ-ОА и им посака добро здравје, спокој и радост. Споделени беа и очекувања да се продолжи по патот на перспективите, соопшти владината прес-служба.

Големиот христијански празник Божиќ, како што истакна премиерот Ковачевски, поттикнува надеж дека секој нов почеток е шанса, поцврсто и поодлучно во вербата и надежта, да се зачекори напред, на патот кон заедничкото добро.

На сите христијански верници сакам да им го честитам големиот празник Христовото раѓање Божиќ. Сакам да им посакам љубов, среќа, здравје, мир во нивните домови, и како што христијаните се обединиле во Витлеем на овој голем празник, исто така посакувам и сите наши граѓани, сите наши Македонци, да се обединиме во градење на просперитетна, среќна и напредна држава. Среќен Божиќ, Христос се роди, вистина се роди!, вели Ковачевски.

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, во чест на големиот христијански празник, Рождество Христово – Божиќ, во име на Владата и во свое име, упати телеграма со честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски синод, свештенството и монаштвото и до сите граѓани кои денеска празнуваат.

 

OhridNews