Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска, на маргините на Безбедносниот форум ЕАПС во Охрид, имаше средба со министерот за надворешни работи на Република Полска, Ана Фотига.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, беа разменети мислења за постигнатиот договор за идното функционирање на Европската унија, со кој се надминува еден од најголемите предизвици со кои се соочува Европската унија во моментов. Воедно, беше речено дека со постигнувањето на овој договор се отвораат можности за идно проширување на Унијата.
Премиерот Груевски ја запозна министерката Фортига со приоритетите на Владата на Република Македонија, како и со реализацијата на владината Програма, а посебно со економските реформи, борбата против корупцијата, организираниот криминал и трговијата со луѓе, реформата во судството, регулаторната гиљотина, како и активностите на Владата во образованието и земјоделството.
Министерот Ана Фортига ја потврди поддршката која Полска ја дава за реализација на европската и евроатлантсаката интеграција на Македонија.