На свеченоста по повод прогласувањето на спортист на Град Охрид премиерно беше прикажан дел од документарниот филм во продукција на OhridNews „100 години фудбал во Охрид“, посветен на најзначајните моменти во историјата на фудбалот во нашиот град.

Горан Момироски, носител на овој проект истакна дека во филмот се опфатени сите фудбалски подвизи, падови, спомени и подеми на фудбалот во Охрид од еден цел век.

Една случајна средба на локални дечиња со една од војските кои тогаш битисувале на овие простори, некаде во втората деценија на минатиот век, ја донела првата топка низ Охрид и оттогаш фудбалот до ден денес е една од најважните работи како во светот, така и во Охрид. Тогаш започнува историјата на фудбалскиот клуб Охрид стара еден век по кажувањата на хорничарите и по записите кои успеавме да ги најдеме речиси во едногодишното истражување при подготовката на документарниот филм, рече Момироски.

Додаде дека филмот е посветен на фудбалот во Охрид, на сите фудбалери и спортски работници кои оставиле трага не само во фудбалскиот клуб Охрид кој е најстар на овие простори со оглед на дисконтинуитетот во неколку наврати, туку и на многу други клубови кои истото така оставиле голема трага.

Овој филм немаше пред себе императив да докажува ништо или да истакнува некого посебно туку само да ја раскаже приказната преку луѓето кои ја граделе во изминатите децении. Тие секако најдобро ги познаваат состојбите во фудбалот во градот, рече Момироски.

Момироски упати благодарност до сите кои работеа на овој филм, потенцирајќи дека целиот документарен филм за пошироката јавност ќе биде прикажан наскоро.

Реализација на филмот е поддржана од Општина Охрид.

Н.С.Ј.