Градскиот театар од Охрид вечерва на малата сцена во Центарот за култура премиерно ќе ја изведе претставата „Среќни денови“ од Семјуел Бекет, во режија на Градимир Гојер.

– Претставата „Среќни денови“ зборува за инвалидитетот како метафора на времето во кое живееме. Ова дело не се изведува секојдневно на европските простори и се надевам дека нашата претстава нема да ја остави публиката рамнодушна, вели режисерот Гојер.


Улогите во претставата ги толкуваат Јасмина Билаловиќ и Горан Стојаноски. Уметнички соработник за музика и аудио ефекти е Стрезо Стаматовски, сценографијата е на Драган Анѓелковиќ, а костимографијата на Марија Папучевска.

Претставата „Среќни денови“ во Македонија се поставува по четврти пат. Овој пат како копродукциски проект на „Градски театар – Охрид“„Мал драмски театар“ од Битола, „Народно позориште“ од Сараево и Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид. Овој проект е уште еден обид за заживување на професионалниот театар во Охрид, што како идеја го реафирмира Лајонс клубот „Лихнидос“.

Претставата започнува во 20 часот.

OhridNews