„Музичка Енциклопедија“ е новата детска претстава на Охридскиот народен театар која ќе биде премиерно изведена вечерва со почеток во 19 часот на малата сала во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Режисер на претставата е Ѓорѓи Ризески, а во неа играат актерите Филип Кипровски и Билјана Билаловиќ во придружба на членовите од Детското драмско студио.

 -Ова е моја авторска претстава чиј текст беше формиран во соработка со актерите и истата имаше еден интересен процес на подготовка. Идејата беше преку претставата да ја прикажеме музиката од самото создавање до ден денес, низ сите периоди. Се работи за една  мултимедијална претстава која носи една специфична драматуршка приказна и во неа е вклучен балет, хор и фолклорен ансамбл, објасни Ризески.

Дел од членовите на Детското драмско студио велат дека низ процесот на подготовка на претставата стекнале нови искуства и научиле многу нови работи поврзани со театарот.

-Речиси еден месец работевме на подготовката на оваа претстава и беше навистина убаво искуство да се работи со професионални актери. Интересна е содржината и темата на претставата и воопшто не беше напорно во текот на подготовките бидејќи имавме голема поддршка и соодветни насоки од режисерот. Ова е втора претстава каде што играме и се надеваме дека истата ќе и се допадне на публиката, вели Ристе Стојаноски, член на Детското драмско студио.

Ова е втора детска претстава во која се вклучени професионалните актери од охридскиот Народен театар. Во месец февруари годинава, пред најмладите охриѓани беше премиерно изведена детската претстава „Свињарот“ работена по текст на Ханс Кристијан Андерсен. Членовите пак на Детското драмско студио во текот на месец јуни премиерно ја изведоа претставата „Младост“.

Е.М