Драмскиот театар од Скопје синоќа гостуваше на Охридско лето со премиера на претставата „Кавкаски круг со креда” по текст на Бертолт Брехт, а во режија на Златко Славенски.
ШТО значи да се биде мајка- Дали е тоа нешто наследно или пак чудесна појава која не трпи генетски ограничувања е во фокусот на интерес на оваа претстава која обработува ретка тема и уште поголема, универзална дилема, интересна за размислување, анализа и продлабочена дискусија од различни аспекти.
Актерката Сања Арсовска која ја толкува главната улога, за впечатоците од работата на ова дело вели: „Ми беше особено тешко да ја доловам улогата на мајка која со својот живот се бори за дете кое не е нејзино, со оглед на тоа што се уште не сум мајка и не сум го почувствувала во себе тоа чувство. Веројатно таа врска меѓу мајката и детето е едно од најголемите чуда на природата. Токму затоа оваа улога за мене беше голем предизвик, но според реакциите на публиката мислам дека им се допадна ликот на Груша и како се справив со таа тешка задача.”
Груша го избира потешкиот пат и покрај тоа што е свесна низ што се треба да помине. Таа одлучува да го одгледа и воспита детето кое своеволно го напушта неговата биолошка мајка, гувернаторката Натела Абашвили поради материјални интереси и е цврста во намерата да остане со него до крај, без оглед на сите препреки и неприлики. На крајот Михаил, детето околу кое се врти дејствието останува со Груша што е приказ на правдата, за која како што вели Арсовска, сепак победува, порано или подоцна.
„Мислам дека и во реалниот живот би постапила на истиот начин. Во ваквата постапка на Груша се согледува хуманоста, желбата да се помогне на беспомошно дете или на било кој човек и токму во тоа е содржана човечноста која е се поретка во денешното материјално време. Уште повеќе е изразена желбата на Груша да го одгледа дететотo и да го научи на вистинските човечки вредности што не би се случило доколку детето одрасне во палатата со биолошката мајка која сака повторно да го поврати поради наследството што е толку сурово од нејзина страна. Затоа судот му го доделува детето на Груша која се жртвуваше за негао и му го спаси животот, така што правдата беше задоволена”- истакнува Арсовска.
Односот меѓу правото и праведноста се согледува во ликот на Аздак, судијата кој го глуми актерот Благоја Чоревски.
„Сметам дека судот донесе праведна одлука што на крајот му го додели детето на мајката која го одгледала т.е на Груша и во таа одлука може да се согледа еден принцип со кој се среќаваме и денес, а тоа е дека вистинска мајка на детето е онаа која ќе го израсне и воспита што го надминува чинот на раѓање на детето, уште повеќе ако биолошката мајка своеволно го напушти своето родено дете. “- појасни Чоревски.
За актерот Васил Зафирчев, кој ја толкува улогата на Раскажувач целата приказна има многу длабока порака, а тоа е дека љубовта е единствената сила која може да го промени светот.
„Целата актерска екипа беше понесена од оваа приказна и работевме доста напорно, посебно затоа што и делото е потешко за изведба и бара голема посветеност. Едноставно не трогна приказната и целосно се внесовме во неа така што сакавме да ставиме акцент на таа нераскинлива врска помеѓу мајката и детето каква што не постои друга на овој свет. Затоа на крајната сцена Груша му одвраќа на судијата со репликата: Тешко е да бидеш богат, а лош, што се однесува на опседнатоста на гувернаторката Абашвили со материјалното богаство која го поктупува судијата и без никакви скрупули кон роденото дете сака да го поврати назад кај себе само поради материјален интерес .“- изјави Зафирчев.
Имено ова дело порачува дека убавината и љубовта можат да го спасат светот така што , како што вели Достоевски, ако секој го љуби секого како што мајката го сака своето дете тогаш светот би бил совршен.
Публиката беше трогната од приказната која ја разработува ова драмско дело и која поттикна грст од емоции. Посетителите во предворјето на Света Софија со бурни аплаузи ја поздравија претставата за која како што потенцираа има одлична концепција како склоп од режија, музика, сценографија и костимографија , како и етаблирана актерска екипа која го даде на сцената најдоброто од себе во текот на тричасовната премиера.
Режисерот Златко Славенски го сумираше она што се случуваше во текот на целиот процес на работа до финалниот продукт и го истакна своето задоволство што претставата премиерно се одигра во Охрид.
„Брехт е пример во светската драматургија, еден од најголемите драматурзи не само на 20-тиот век, туку и воопшто. Среќен сум што го избрав токму ова негово дело затоа што ме привлече неговата хумана човечка приказна. Морам да ја пофалам и актерската екипа која одлично комуницираше со материјалот и мислам дека претставата совршено се вклопи во амбиентот така што ми е особено драго што премиерата се случи на отворено токму тука, во Охрид. “- рече Славенски.