100 000 фанови на мега популарниот хит „Господар на прстените“, неколку часа ги блокираа  улиците во главниот град на Нов Зеланд. Илјадници лица облечени во костими на своите омилени јунаци ја дочекаа премиерата на најновото филмско остварување на режисерот Питер Џексон. Ремек делото насловено како „Хобит: Неочекувано патување“ и официјално ја доживува својата промоција, а всушност преставува еден дел од новата трилогија на режисерот Џексон.
73-годишниот Јан Меккелен ќе ја толкува улогата на Гендалф, додека неговиот „соперник“ Саруман ќе го игра актерот Кристофер Ли. Улогата на Леголас стандардно му припаѓа на Орландо Блум, кој преку овој филм се стекна со огромна популарност. Првиот дел на „Хобит“, го опфаќа периодот 60 години пред случувањата во „Господар на прстените“.


За време на снимањето, филмот ги надмина сите финансиски бариери. Буџетот се проценува на 500 милиони долари, а филмската екипа остварила 93 000 ноќевања, односно, букирала преку 6700 летови. Интересен податок е дека за време на снимањето, испиено е кафе во вредност од 380 000 американски долари.

Иако пред почетокот на снимањето, фановите калкулираа дека филмот ќе се продуцира во некоја од источноевропските земји, брзата смена на законот за работни односи во Нов Зеланд го премисли Џексон во таа намера. Филмскиот тим преку оваа акција на владата на Нов Зеланд, доби даночно олеснување од 60 милиони долари.


Инаку, за време на снимањето настрадале дури 27 животни, поради што меѓународната организација ПЕТА  го бојкотира Џексон и неговото филмско остварување.

OhridNews