Најмладите љубители на теaтарската уметност од Охрид денеска напладне, во Центарот за култура „Григор Прличев“, ќе имаат можност да ја погледнат премиерата на детската претстава „Свињарот“ од Ханс Кристијан Андерсен, во изведба на охридскиот Народен театар. Во претставата играат актерите Филип Кипровски, Елизабета Стефановска, Сашо Ристовски и Билјана Билаловиќ, под раководство на младиот режисер Ѓорѓи Ризески.

-Ова е претстава за искрената љубов која ако се потцени, наместо најубавите се случуваат најлошите работи во животот. Во претставата имаме еден принц кој со најискрена љубов и со најискрени чувствa тргнува во соседното царство да ја запроси принцезата и сите очекуваат да се случи хепи енд, но принцезата е свртена повеќе кон материјалните работи, а не кон тоа што вистински и го нуди принцот, вели Ризески.

Претставата која е со времетраење од 45 минути започнува во 12 часот, а средствата кои ќе бидат собрани од влезниците ќе бидат донирани за помош на жителите од поплавените подрачја во Република Македонија.

Со прикажувањето на оваа претстава, охридскиот Народен тетар ја започнува новата театарска сезона. Според најавите, во рамки на пролетниот репертоар, охридската публика ќе има можност да ги погледне претставите „Детектор за лаги“ и „На дното“ како и премиерата на претставата  „Вечера за глупаци“ во режија на Ирена Стериоска.

OhridNews