На 3-ти јуни, понеделник со почеток во 20 часот, актерите од охридскиот Народен театар премиерно ќе ја изведат претставата „Балканска“ 3а/2 од Дејан Дуковски, во режија на Ана Батева.
Како што вели режисерот Батева, „Балканска 3а/2“ е црна комедија во која недостатокот на човечност во човекот е нормална појава, а човековата отуѓеност од современиот свет е секојдневие. Станува збор за трилер кој има за цел да ни покаже антиопштествени форми на однесување, кои освен што го изветоперуваат социјалното функционирање на едно општество, го загрозуваат и неговото постоење.
- „Балканска 3а/2“ е слика на апсурдот на нашето време, а оттаму и комичен приказ на денешното живеење. Самиот автор на текстот Дуковски доаѓаше на пробите, заедно гледавме, коментиравме. Да се работи со самиот автор е интересен процес и е доста големо искуство за мене и актерите. Авторот го пишувал делото и тој најдобро знае што му се вртка по глава. Се надевам дека барем во некои 60% ќе успееме да се сретнеме со авторот, во однос на идеите, вели Батева.
Во претставата играат: Стрезо Стаматовски, Елизабета Стефановска, Филип Кипровски и Никола Тодоровски. Задолжен за сценографија/костими е Борис Георгиев, а за музиката Стефан Здравески.
Георгиев најавува интересна сценографија, интересна за публиката која ќе биде дел од претставата, а за крај ќе има и изненадување.
Музиката во претставата е претежно оригинална, со доста интересни моменти кои се нагласуваат.
Претпремиерата на претставата ќе биде на 2-ри јуни, во 20 часот и билетите ќе чинат 200 денари. За премиерата на 3-ти јуни, ќе чинат 250 денари.
Со премиерата на претставата ќе се одбележи и осмиот роденден на охридскиот Народен театар.
OhridNews