Група млади и хумани луѓе oд Кочани создадоа веб страна за донации за секое од децата повредени во трагедијата што го погоди Кочани supportkocani.com со цел да се олесни пристапот за директни донации до семејствата на повредените.

Оваа страница содржи податоци за индивидуални сметки на децата повредени во трагедијата што го погоди Кочани. Сите податоци се објавени со доброволна согласност од родителите или нивните блиски. Собраните средства за секое лице ќе бидат објавени, за помошта да оди таму каде што е најпотребна. Податоците за износот на донациите објавени за секоја сметка се само врз основа на информациите што ни биле испратени од донаторите. Ние не можеме да гарантираме дека прикажаните суми се 100% точни, бидејќи немаме целосен увид во сите уплати, посочуваат.

При донацијата, потенцираат, треба се користи шифрата 562 која е за уплати на донации, а по донација да се прикачи слика од донацијата како доказ за успешната трансакција. Ова, велат, ќе им овозможи да ја евидентираат донацијата и да прикажат за кое дете колку средства се собрале, со цел помошта да оди таму каде што е најпотребна и транспарентно.

Во моментов, истакнуваат, донации од странство се возможни само за лица со достапен IBAN и SWIFT код, приватноста на сите донатори е загарантирана, а ќе биде објавен само износот на донацијата – без лични податоци.

Доколку некој родител смета дека примил повеќе средства отколку што му се потребни, може да одлучи вишокот да го пренасочи кон друго повредено лице, потенцираат младите хуманисти.

Досега според последните податоци кои ги имаат собрани се повеќе од еден ипол милиони денари.

Н.С.Ј.